Унијата на независни синдикати на Косово објави денеска дека се суспендира до јануари 2023 година штрајкот започнат на 25 август годинава во јавната админитрација и образованието, но дека не се откажува од барањата за надоместоци за наставниот кадар, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претседателот на штрајкувачкиот одбор, Рахман Јашарај, кој е воедно и лидер на Обединетиот синдикат на образованието, науката и културата (СБАШК), на прес-конференција денеска изјави дека за прекин на штрајкот и започнување на наставата во предшколските установи и во средните и основните училишта се изјасниле мнозинството членови на Синдикатот.
Конкретно, на прашањето дали се согласуваат штрајкот да се суспендира до јануари 2023 година, со тоа што тогаш повторно би се активирал доколку владата на Албин Курти не ги исполни барањата на образовниот кадар, 54,88 отсто од членството во синдикатот одговориле позитивно, додека 45,12 отсто се изјасниле дека штрајкот треба да продолжи.
Јашарај рече дека се надева оти во јануари нема да има потреба од продолжување на штрајкот и дека владата ќе го исполни нивното барање за надоместок за вработените во образованието до усвојувањето на новиот закон за плати, кој е сé уште во фаза на подготовка.
– Владата и јавноста треба да знаат дека штрајкот не се затвора, туку се супсендира до јануари 2023 година, согласно волјата на членството. Резултатите на изјаснувањето се со не баш голема разлика. Се надевам дека владата добила јасна порака од штрајкот, се надевам дека владата нашето моментално повлекување нема да го земе како своја победа, затоа што во ова никој не победи, рече Јашарај.
Според челникот на образовниот синдикат, во изминатите пет недели се стекнал впечаток дека „на владата на Курти штрајкот ѝ бил потребен за косовските граѓани да не му поставуваат прашања за други работи“.
– Наместо оптимистички пораки, Владата даде изјави полни со навреди и омаловажувања, како да сакаше да ги поттикне штрајкувачите да го продолжат штрајкот што повеќе. На тие што нé навредуваа – нека им служи на чест, рече Јашарај.
Штрајкот во косовското образование започна на 25 август, со барање на СБАШК за додаток од 100 евра месечно на платите на вработените до донесување на новиот закон за плати. Ова барање упорно го отфрла премиерот Албин Курти, кој го обвинува СБАШК дека се манипулирани од опозицијата со цел да го урнат од власт.
Во образовниот синдикат, кој е дела од Унијата на независни синдикати, меѓу другите, членуваат над 25 илјади воспитувачи, учители и наставници од предшколските, основните и средните училишта во Косово.