Денешните преговори меѓу партиите потписнички на Договорот од Пржино завршија само два часа откако почнаа, а договор повторно изостана. За разлика од вчера кога средбата се одржа во Резиденцијата на американскиот амбасадор, денеската таа беше во Клубот на пратеници.
По завршувањето на средбата, претставниците на политичките партии не дадоа изјави, додека американскиот амбасадор, Џес Бејли, информираше дека преговорите ќе продолжат утре.
Пред почетокот на средбата, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваа меѓусебно кој го кочел договорот.
-Се разговара за две работи. Првата е по завршување на изборите да заврши Владата од Пржино и, втората, да не може да се прави злоупотреба и масовна партиска чистка во МВР, изјави Тодоров пред почетокот на преговорите, рече Тодоров.
Шеќеринска од СДСМ пак, рече дека ВМРО-ДПМНЕ бегале од фер и регуларни избори и го кочеле договорот од Пржино.
-Сметаме дека на Македонија час поскоро ѝ требаат демократски и фер избори и затоа предлагаме решенија, а не отвораме нови прашања, вели Шекеринска, дополнувајќи дека според она што се случуваше изминативе два месеца и новите барања коишто беа измислени во последните 10-тина дена, јасно било дека ВМРО-ДПМНЕ бега од регуларни, фер и демократски избори, бега од Пржинскиот договор и бега од спроведување на се она што било ветено и во текот на минатата и во текот на оваа година, изјави Шеќеринска.