Текстот е објавен на пети јуни 2015-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 1026
Пишува
Анастас ВАНГЕЛИ
Во моментите кога го пишувам овој текст, во исчекување сме на пристигнувањето на Јоханес Хан, комесарот на Европската комисија задолжен за европското соседство и преговорите за проширување. Не знаеме каков предлог ќе им донесе тој на лидерите на најголемите партии во Скопје, а уште помалку имаме претстава за можниот исход на преговорите меѓу политичките елити. Во овој момент, се чини, дека секое решение за кое се шпекулира во јавноста е полошо од претходното.
Ваквите преговори, медијацијата на странските посредници и општиот сомнеж и незадоволство од начинот на нивното одвивање, се неизбежен елемент на секоја политичка криза во Македонија. Во овој случај тие како да создаваат дополнително чувство горчина и сè повеќе како да стануваат дел од проблемот (пролонгирање на кризата на легитимитет) отколку дел од решението (заминување на нелегитимната власт). За ваквото расположение голема улога има не толку дамнешната епизода на сличен преговарачки процес – по инцидентите од 24 декември 2012 – кој заврши со едно решение, од власта наречено „тоалетна хартија.“
Во 2015 година, главниот проблем зошто овие преговори предизвикуваат чувство на нелагодност е тоа што тие не соодветствуваат на општествената реалност. Преговорите би имале далеку повеќе смисла доколку за четирите лидери на политичките партии би можело да се каже дека: (1) збирно тие четворица се легитимните претставници на мнозинството граѓани; и (2) меѓу четворицата постои меѓусебен респект и основа за меѓусебна соработка за повисока цел.
За жал, по сите три претпоставки реалноста е многу поинаква:
(1) Граѓаните во основа немаат доверба во партиите и лидерите не се нивни легитимни претставници. Политичката поделба во општеството во моментов не се случува ниту по партиски или етнички линии, туку по линија на корумпирана клика на власт. Наспроти ова, сè поголем број револтирани граѓани бараат итно заминување на Груевски. Во оваа ситуација,СДСМ како структура застанува на страната на револтот, но не е негов претставник, затоа што затвореноста на преговорите е спротивна на отвореноста на револтот.
2) Лидерите – а особено Груевски и Заев, еден ден седат на маса да преговараат, во деновите пред и по преговорите меѓусебно се во војна во која меѓусебно се обвинуваат и оцрнуваат. Со тоа и двајцата си го намалуваат маневарскиот простор за каква било спогодба на преговорите. Од друга страна, од она што можеме да го чуеме од снимките, барем меѓу триаголникот Груевски – ДУИ – Тачи, постои спрега која наликува на картел, кој не е воден од какви било вредности, туку единствено од лукративен интерес и профитерство.
Но, перверзијата на преговорите е што и покрај сево ова – тие мора да продолжат, и бргу да окончаат. Преговорите и компромисот кој би произлегол од нив се единствен начин нелегитимната власт да се спречи да се врати кон тактиката на репресија и принуда. Со тоа и да се зачува релативна стабилност и можност за исход кој нема да заврши во нешто налик граѓанска војна. Имајќи ја предвид поларизираноста на општеството, во недостиг од преговори ќе исчезне и оној притисок врз Груевски што сега постои.
Многу е веројатно Македонија за кусо време да премине во уште поавторитарна фаза доколку се прекинат преговорите. Оттаму, преговорите во прв ред треба да се гледаат како она што се – забавување на разјареното чудовиште, и почетна фаза во создавањето притисок врз Груевски – притоа, без да се губи предвид она што го споменувам погоре – дека тие сами по себе нема да го дадат решението што сите го очекуваме.
Без оглед на исходот од преговорите, граѓанската борба мора да продолжи! Ако Груевски се спаси, да излеземе уште помасовно на улица. Ако Груевски си оди, да бидеме овде како група за притисок работата да се истера до крај. Но, сепак, за да добиеме решение кое ќе биде барем делумно подобро од она што се готви зад затворени врати, ќе мора сите граѓани, кој како знае и умее, да влетаме во политичката борба. Тоа влетување треба да биде првенствено во свое име, автономно, самоиницијативно и самоорганизирано, но со минимум координација и поделба на трудот согласно интересите и можностите.
Притоа, мораме да мантраме – сега не е време за молчење, и сега не е време за повлекување. Воедно, не смееме да заборавиме – да си оди Груевски, мафијата, но со нив и нивните практики на владеење, а сите ние да работиме на санирање на сето она што дозволило Груевски да стане она што е.
Гласно да ја кажеме нашата приказна
Еден дел од задачата на краткиот рок, односно отстранувањето на Груевски, ќе биде како да се влијае врз меѓународниот фактор и како да се презентира приказната за Македонија во меѓународната јавност. Со тоа, целта би била зголемување на директниот меѓународен притисок врз Груевски. Тој е нелегитимен, и така треба да биде третиран. Тука мораме да имаме предвид дека Македонија е мала и релативно здодевна во меѓународни рамки. За ЕУ одамна не е приоритет, а има особено мало значење во ситуација кога ЕУ е во ситуација на повеќегодишна внатрешна криза и горливи проблеми во соседството (Украина, Блискиот Исток и Северна Африка).
Од друга страна, мора да се има предвид и продавањето на приказната од страна на Груевски, кој себеси се претставува како некој кој најдобро го испорачува она што многумина влијателни меѓународни фактори го бараат – релативна стабилност и функционалност – во време на глобална криза и на перформансот и на вредностите. Во прв ред, наративите што ќе мора да ги разглобуваме во меѓународната дебата се дека Груевски е реформатор, дека тој е гарантор на општествената и економска стабилност.
Улогата во овој процес, на креирање меѓународен притисок врз Груевски, ќе мора да ја играат неколку актери. Во прв ред, тука на сцена ќе мора да стапат малку поагресивно македонските тинк-тенкови и истражувачки насочени граѓански организации. Иако голем дел од нив периодов се обземени од кризата и се насочуваат кон директен активизам, не смее да се заборави нивната основна вокација и она што го прават најдобро – пишување анализи, организирање дискусии и комуницирање со меѓународната истражувачка јавност.
Подеднакво важно ќе биде активирањето на „академските азиланти“ од општествените науки – огромна група луѓе распрсната на постдипломски студии и истражувања низ светот, делумно мотивирана за заминување од Македонија поради бесперспективноста и фрустрацијата од клиентелистичкиот општествено-политички модел кој се гради со години, а Груевски го усоврши. Овие луѓе ги имаат вештините и контактите, и за разлика од тие што се во Македонија, се поослободени од психичкиот товар на секојдневно справување со опресијата. Дел од овие луѓе се активираа преку иницијативата „Прекуграничен комитет“ (zasedan.ie.mk), и одиграа многу важна улога за време на граѓанските протести по 5 мај, кога тие неуморно пишуваа, преведуваа и ја објавуваа македонската приказна на различните светски јазици. Тоа е непроценлива сила што имаме на наша страна, и не смееме да ја заборавиме.
Притоа, сите оние што ќе пишуваат за Македонија мора да се искористат сите свои меѓународни канали, но и критички да ги восприемат реакциите од странските соработници, за нивниот дискурс да може да ги премости разликите за тоа како се перцепира ситуацијата во Македонија во странство, наспроти на тоа како на ситуацијата се гледа однатре. Некогаш, работите кои нам ни се гледаат секојдневни, може да имаат голем одек во странство, и обратно – затоа клучно е да се најдат пресечните точки на приказните.
Во тој процес клучно ќе биде поврзувањето, разменувањето искуства и градењето компаративен наратив – Македонија е дел, и е третирана како дел од една широка меѓународна тенденција на ширење недемократско и коруптивно владеење во посткомунистичкиот свет (познати ни се Русија и Унгарија и до некаде Бугарија, но подеднакво важни и уште позастрашувачки се случаите од Централна Азија), но и други случаи на уназадување на демократијата (на пр. Турција).
Подеднакво важно е да се акцентираат и шуплините во приказната за Груевски како добар економист. На пример, еден од темелите на „економскиот успех“ на оваа влада е штимањето на податоците, нешто што по избивањето на кризата на Еврозоната е неприфатливо, па дури и алармантно и се смета за голем грев. За нас таа приказна е позната, па дури и неоправдано банализирана (затоа што не знаеме што не знаеме, и уште помалку каква катастрофа може да нè снајде). Таа, исто така, има и голем потенцијал за дискредитирањето на митот за Груевски – способниот во очите на странците. Вакви примери има уште многу.
Геополитичките анализи може да помогнат во борбата, но, исто така, постои и голема опасност да одмогнат. Она што треба да се напомене е дека никако не смее да се дозволи врамување на македонската криза од перспективата на конфликт меѓу „Русите и Американците.“ Точно е дека различни интереси постојат, меѓутоа главната приказна е: граѓаните наспроти корумпираната, авторитарна клика на власт. Она што треба да се потенцира, сепак, е дека таа авторитарна власт е особено дилетантска кога станува збор за нејзината надворешна политика, а Груевски, кој владее без легитимитет, е подеднакво лош партнер за сите големи сили во светот. Руската пропаганда ќе биде предизвик затоа што таа цели кон предизвикување штета. Меѓутоа нејзиниот налет не треба да биде контриран со некритичен проамериканизам, туку со здраворазумска критика – која честопати доаѓа токму од добрите познавачи на Русија и на надворешната политика на Путин.
Притоа, особено ќе биде важно да се биде во контакт, и да се инсистира на граѓанската приказна при контакт со дипломатите. Во периодот што следи ќе мораме да вршиме и притисок кон дипломатите во земјава – но тој притисок никако не смее да биде дилетантски и хушкачки, туку критички и аргументиран. Едноставно, нема заговор против македонскиот народ – дипломатите се прагматични и одат по линија на помал отпор. Нашата цел треба да биде демонстрирање јасен и цврст став дека нелегитимната власт мора да одговара и дека тоа не е позиција исклучиво на СДСМ и на Зоран Заев, туку на најголемиот дел од општеството.
Токму затоа, најголемиот ефект на борбата за наративот што се пласира во меѓународната јавност и кој ќе може да влијае врз странските дипломати може да произлезе од промена на состојбите внатре во македонското општество. Тоа ќе се случи само преку наша континуирана дискусија, но и активизам насочен кон зачувување и распламтување на самоорганизираниот граѓански револт, и не сдсмовскиот антигруевизам, кој ќе се надоврзе на масовното движење од периодот 5-17 мај, кој всушност беше и еден од клучните фактори за промена на состојбите во изминатиот месец.
Ова не е уште една епизода на „СДСМ против ВМРО,“ туку народот против диктаторот
Многумина веруваат дека е преидеалистички, и дури и наивно да се заговара самоорганизиран, автентичен граѓански револт против Груевски во сегашната ситуација. Граѓаните немаат свое столче на преговарачката маса и во услови на криза на легитимитетот и на криза на довербата, разбирливо е што многумина се чувствуваат исклучени и поклопени од ситуацијата. Чувството што преовладува кај голем број граѓани додека траат преговорите е дека повторно за нивната судбина ќе се одлучува зад затворени врати, дека повторно збор ќе имаат „големите“ и странските суперсили, и дека повторно обичниот човек ќе биде насила натеран да проголта нешто што ќе му биде сервирано од партиите.
Меѓутоа, немоќноста и беспомошноста се само привид. Секоја криза значи и отворање исто толкава можност за дејствување, и активно чинење на општествените промени. Тоа е особено случај во македонскиот контекст, каде што во последните неколку години гледаме никулци на нешто што може за брзо време да значи радикална промена на политичката култура и политичкото милје во земјата.
Општествено-политичкиот тренд (поддржан со податоци како што се оние од истражувањето за граѓанското учество на „Реактор“) е следниот: од една страна опаѓа довербата во власта, во институциите на системот, и политичките партии (вклучително и опозициските); а од друга страна расте бројот на граѓани кои ја преземаат одговорноста во свои раце, учествуваат во граѓански иницијативи, излегуваат на протести и се вложуваат во други форми на активизам.
Трендот што се случува веќе неколку години кулминира во последните неколку месеци. Некои од најголемите слабости на груевизмот беа разоткриени токму од граѓанските форми на дејствување (Студентскиот пленум само еден од повидливите пример) и политичките, а особено левичарските движења (Солидарност и Ленка), кои во сензитивните политички моменти успеаја да удрат по структурата на авторитарната власт и да охрабрат голем број граѓани дека, сепак, има надеж за Македонија.
На 5 мај се случи „Ѓурѓовденското востание“ – изблик на граѓанскиот револт каков што претходно никој од нас немаше видено, иако мирисот на директна конфронтација со режимот веќе долго се чувствуваше во воздухот. Многумина велат дека 5 мај немаше да се случи да не беа бомбите на Заев, а особено бомбата што се однесуваше на случајот Мартин Нешкоски. Но, каузалноста е поинаква: ниту разоткривањето на случајот Мартин Нешкоски и движењето во 2011, а ниту брзата мобилизација на 5 мај 2015 немаше да се случат без онаа длабока структурна промена што ја опишав погоре.
Во 2011, насобраното искуство од помалите претходни активистички искуства, во комбинација со вжештената атмосфера, вродија со создавање автентично политичко движење „Стоп за полициската бруталност“, кое изврши голем притисок во системот, иако не успеа во својата крајна цел – одговорност не само за убиецот на Нешкоски, туку и за одговорните лица во хиерархијата, воспоставување цивилна контрола на полицијата и слично.
Во 2015, користејќи ги социјалните медиуми и тие што протестираа во 2011 (и претходно), и тие што дојдоа на улиците подоцна, успеаја за многу брзо време да се договорат и да се соберат пред Владата. На 5 мај успеа она што не успеа по една од првите бомби – спонтан масовен протест пред еден од центрите на моќ. Интересно, и при првиот обид повод беше полициската бруталност која се случи на истиот ден кога Мартин беше убиен („Пуки му стаил пиштол у уста на Љубе“), па и на тој помалку успешен протест (околу 500 граѓани), преовладуваше реториката на „Стоп за полициска бруталност“ – па дури и имаше обид да се возобнови мантрата „секој ден во 6“ – кој заврши неуспешно.
Тоа што на 5 мај полицијата крена рака и употреби прекумерна сила против својот народ, притоа уфрлувајќи провокатори, наместо да го исплаши народот и да згасне револтот, долеа гориво во огнот. Движењето што траеше од 5 до 17 мај има историски карактер. Тоа во себе обедини широк спектар на антигруевизам и го надгради знаењето од улицата стекнато од различни групи и генерации активисти, кои во прво лице еднина викнаа #протестирам! Онаа статистика за зголемена одговорност и охрабреност за директно учество конечно можеше да се види и да се почувствува.
Движењето се рашири веднаш низ Македонија, а активираше и добар дел од македонската дијаспора. По самиот карактер беше надетничко движење – како еден од симболите остана сликата на врзаното македонско и албанско знаме пред Владата. Воедно, движењето најави и „женска револуција“ – светот го обиколија фотографиите од храбрите активистки, кои, исто така, имаа клучна улога во справувањето со провокаторите, формирајќи жив штит околу полицијата.
За кусо време жарот беше препознаен – стигна поддршка од целиот свет, од познати музичари, од познати активисти и движења. Петти мај стана „македонскиот Таксим“ (и самите таксимци беа меѓу поддржувачите на активистите од Македонија). Од слободарскиот вирус се инфицираа многумина низ Македонија – па така на 8 мај, освен во Скопје, протести имаше и во осум други градови!
Куманово и неговата интерпретација од страна на режимските медиуми му зададоа голем удар на движењето, но и тие не беа доволни да го згаснат. Напротив, неговиот надетнички, прогресивен карактер, му овозможи во деновите на жалост да дејствува како мировно движење, да изрази солидарност со жртвите и да побара одговорност од надлежните – па, така движењето продолжи и понатаму. Оставките го вратија жарот, па така во деновите по 12 мај, масовноста беше делумно повратена.
Без плурална опозиција не може да градиме плурализам
Слонот во собата, кој многумина пробаат да го игнорираат, секако беше спектаклот кој СДСМ и неговите партнери од граѓанскиот сектор веќе однапред го најавија за 17 мај. Спектаклот сам по себе требаше да претставува „излегување на народот на улиците“ под мотото „доаѓаме!“ пропратен и со протестен камп под мотото „остануваме!“ Но, проблемот беше што народот веќе беше излезен и мотивиран да остане до крај. За некои од оние кои протестираа од 5 до 17 мај, немаше голема концепциска разлика, и нивната транзиција „од улица во камп“ беше нормална.
За некои, дури ни „пограѓанченоста“ на СДСМ и тргнувањето на партиските бои не беа доволен мотив за приклучување кон кампот. Некои, пак, кон кои јас се приклонувам, размислуваа за поинаква стратегија – кој е ефектот од протестот и кампот на опозицијата, и како по 17 мај да се изврши поголем притисок кон Груевски?
Ефектот од 17 мај најдобро може да се опише како делумна нормализација на ситуацијата, но и можен тренд на деполитизација на општеството вон опозицискиот камп. Веројатно, стратегијата на опозицијата беше да се припитоми и да се централизира револтот и кампот да биде еден вид поддршка и адут додека се преговара за излезно решение. Тоа е мудар политички потег во обидот за стабилизација на ситуацијата – особено што СДСМ и голем број невладини организации постигнаа договор за меѓусебна коалиција која не оди под партиски бои, обидувајќи се да му дадат глас на граѓанското во ситуацијата. Но, таа стратегија има и свои ризици, кои се дополнително видливи на теренот и во политичкото дејствување.
Еден од потенцијално негативните ефекти од оваа стратегија на стабилизација и деполитизација, а во контекст на ситуација кога се организираше и контраспектакл на 18 мај, сега постои и контракамп, а се водат и преговори на кои учествуваат Груевски и Заев, е неминовното враќање на (би)партиската парадигма во политиката. Тоа веројатно многу повеќе му одговара на Груевски и неговата пропаганда дека сè што се прави во државата е масло на СДСМ и еден круг невладини организации, а сите останати се неми посматрачи. Иако во реалноста, на терен, веќе со години е видлив и осетлив плурализмот, полицентричноста, автономијата, и на крајот на денот, непредвидливоста на дејствувањето на граѓанските иницијативи и политичките движења – диспаритетот во големината, и спонтаната наметливост на СДСМ и нивната коалиција – и покрај нивните добри намери, имаат потенцијал да ја забават новата општествена динамика, а со тоа и општествената борба за слобода.
Уште еден голем ризик на стратегијата на опозицијата е што комбинацијата на широка, лабава коалиција во која се сконцентрирани големи ресурси и моќ, а потенцијално и претензии кон власта, можно е создавање клики, кои би дејствувале во името на потесен интерес, можеби и вон генералните насоки, па дури и на штета на повисоката цел. Тие клики иако би можеле да настанат како резултат на некаков заговор или клиентелистички спреги, многу поверојатно е дека би настанале како резултат на одредено исклучиво размислување, желба за докажување, па дури и дејствување под многу сериозен стрес, кој го произведува тензичната општествена ситуација.
Таквите однесувања треба да се предвидат и навремено да се адресираат за да не се случи распукување на широкиот пакт на општеството против Груевски, во кој опозициската коалиција е само дел – голем, носечки дел, но самиот по себе недоволен во борбата. Опозицијата не смее да заборави дека во општеството има и голем гнев наталожен од претходното, па и сегашното дејствување на СДСМ – голем успех за сите нас е што тој сега е потиснат во име на заедничката борба, но и наша одговорност е тој консензус за привремено ненапаѓање да не го расипуваме пред да падне Груевски!
Комбинацијата на овие два ризици би било создавање исклучиви тенденции или клики во опозициската коалиција, кои наместо да се сконцентрираат на борбата против Груевски, своето дејствување ќе го насочат на обиди за централизација на фронтот, и ќе се занимаваат многу повеќе со оние кои лебдат вон нивната коалиција. Таквото дејствување често се рационализира со стравот дека „борбата се разводнува“ – што, пак, е погрешен аргумент – борбата би се разводнела само доколку инсистираме сите да бидеме водени од еден центар, или сместени во еден камп. Воедно, таквото дејствување носи голем ризик на репродуцирање на авторитарната матрица типичната за македонската политика, усовршена од страна на Груевски – „ако не си експлицитно со нас, тогаш си против нас“. Ова, пак, на долг рок би имало контрапродуктивен исход, и во борбата за ослободување, но и во борбата за (ре)демократизација.
Последниов аргумент треба да даде поука за опозицијата – која за волја на вистината до сега покажува одредена доза на флексибилност. Но, во исто време, тој цели и да даде и инспирација за сите оние несдсмовски антигруевистички сили низ општеството, кои поради идентитетски, концепциски или стратешки причини не се со таа коалиција, и не се во тој камп. Мора да продолжиме понатаму !
Нè чека долго, бавно и многу жешко лето, но не смееме да дозволиме борбата да се стиша, да се централизира и да се пасивизира. Сите ние се имаме вложено низ годините и сега е клучниот момент, кога треба да одлучиме дали одиме докрај или се предаваме. Дејствувањето – кое не мора нужно да биде масовно, спектакуларно и дефинитивно не треба да биде водено од ништо друго, освен желбата за ослободување од Груевски, во периодот што следи е наша одговорност и должност! Никој не ни го гарантира успехот, но наше е да дадеме сè од себе – секој со својот политички идентитет и со своето право на независно учество во борбата против режимот.
Ќе победиме!
Авторот е докторанд по компаративна политика, активист на Левичарското движење „Солидарност“ и е дел од #Протестирам. Неговите ставови се лични и не претставуваат официјален став на ниедна организација од која што тој е дел.