Попетревски: И амбасадорите се сомневаат во неутралноста на еврокомесарот Хан

by Фокус

Зборувајќи за прашањето за неутралноста на еврокомесарот Јоханес Хан во преговорите за решавање на политичката криза во Македонија, новинарот Васко Попетревски во вчерашната емисија „Вин Вин“ на „24 Вести“ кажа информација добиена од дипломатски извори, од која се заклучува дека и во дипломатските кругови се интересираат за неговата непристрасност.

– За жал, перцепцијата за тоа дека Хан можеби не е доволно неутрален, не е само медиумска шпекулација. Доаѓам од еден собир на кој имав шанса да разговарам со повеќе дипломати во Скопје. Денеска имало, еден од редовните координативни состаноци на амбасадори главно на земји членки на ЕУ, и еден од претставниците на една од влијателните земји членка, го поставил прашањето за неутралноста на Хан, поточно за неговите бизнис интереси во фирмата „Новоматик“. Оваа информација, со сигурност ви тврдам, е стигната до Хан, се ѕвонат телефони за да го разјаснат ова прашање. Но ако дипломат на влијателна земја членка си дозволил да го постави прашањето за неутралноста на Хан претпоставувам дека и ние сме тука некаде на вистинската трага околу оваа дилема – рече Попетревски.

Австриската компанија „Новоматик“ подолго време е присутна во Македонија како сопственик на казина. Во март 2014 година таа стана сопственик и на казиното „Фламинго хотел“ кај Гевгелија, на границата со Грција.

Како што соопшти менаџментот на компанијата тогаш, се работи за инвестиција вредна 20 милиони евра, а беше кажано и дека компанијата веќе има инвестиции од 40 милиони евра во Македонија.

Според официјалната биографија на еврокомесарот Јоханес Хан, тој од 1997 до 2003 година работел како член на бордот на директори на „Новоматик“, а еден период бил и извршен директор на компанијата.

Поврзани новости