Преговорите пропаднаа. Според лидерот на СДСМ Зоран Заев, ВМРО ДПМНЕ не сака договор.
„Неможам да сватам ниту јас, ниту нашиот преговарачки тим, а верувам ниту нашата македонска јавност, како на некој може да му е поважно да од овие 12 часа разговори, повеќе од 8-9 часа потроши на важноста на донесување на законот за забрана на објавување на политичките бомби од европската иднина на сите граѓани на Република Македонија.
Навистина неможам ниту јас ниту било кој од нас да имаме рационално објаснување дека неможе да се постигне договор за едноставни работи и упорно да се купува време до последнитемоменти.
Остануваат уште 20 часа од денешниот ден да се имплементира законот заспецијалниот обвинител и да се избере техничката влада на Република Македонија за да може да се испочитува договорот потпишан на 2 јуни и 15 јули“, рече Заев.
Од друга страна Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ смета дека има напредок.
„Разговаравме сериозно за законот за „свиркачите“, за „бомбите“ и се согледуваат повеќе стандарди и се надевам дека ќе треба да се направат повеќе напори за ставовите да бидат прифатливи“, изјави утрово пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски по неуспешните преговори во резиденцијата на ЕУ во Скопје.
„За денеска ни е најавен повторен состанок помеѓу работните групи, а ние ќе останеме целосно посветени за да се постигне конечен договор. Мислам дека во следните денови ќе најдеме решение. Конечен договор нема, но има приближување на ставовите, но свесни сме за роковите според договорот од Пржино. Најголем дел од денешните дискусии беа за Законот за влада, кој има многу нешта што до сега законски на пример ги немаше во нашето законодавство“ истакна Димовски.
Тој нагласи дека целосно е договорен Изборниот законик. За овој закон рече дека во најбрзо време ќе се најде во собраниска процедура.
Еврокомесарот Јоханес Хан беше разочаран.
„Разочаран сум, ова беше лош ден, но се уште сум оптимист. Политичките лидери треба да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и да покажат лидерство. Не може Европа да носи одлуки за македонските лидери“, рече Хан и ја напушти резиденцијата на ЕУ во Пржино.
Тој предупреди и дека овој дебакл на преговорите може да се одрази на македонските евроинтеграции со оглед дека за околу две недели се очекува објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија и прашање е дали ќе има препорака за пристапни преговори со ЕУ.
Претходно и Ахмети и Тачи изјавија дека договор нема и дека многу време се потрошило на законите за бомбите и за Влада. Преговорите ќе продолжат денес.