Преговори што држава значат!

by lali

Во извештаите од Европската Комисија, во последните години, се’ подиректно се нотира бришењето на поделбата на власта, нарушувањето на човековите права и слободи, притисоците врз медиумите и слободното изразување, независното судство, како и партизираната и неефикасна државна администрација.

 

Република Македонија беше меѓу првите држави во регионот која го потпиша договорот за Стабилизација и Асоцијација со ЕУ, а во 2005та година доби кандидатски статус за влез во Европската Унија. Во тој момент, Македонија генерално ги имаше исполнето Копенхашките критериуми, но спорот со името со Грција ја попречуваше нашата земја да ги почне претпристапните преговори со ЕУ. Меѓутоа, токму спорот со името кој ја држеше земјата заглавена пред вратите на Европската Унија овозможи во земјата да се развие авторитарна политичка култура која ја наметна Владата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски, со што, државата, целосно се трансформираше во приватна сопственост на политичката партија на власт. Истовремено, партијата на власт, целосно ги окупираше медиумите, судството, голем дел од приватниот сектор, додека пак државната администрација се користи исклучиво за вработување на партиски послушници. Државата функционира под целосна контрола на партијата на власт. Избришана е секоја граница помеѓу партијата и институциите.

Спорот за името беше главна пречка за влез на Македонија во ЕУ и НАТО, но овој спор придонесе и се искористи во Македонија да биде инсталирана авторитарна политичка власт. Сепак, мислам дека во последните неколку години, спорот за името не претставува клучната пречка за нашата евроинтеграција, туку отстапувањето од Копенхашките критериуми.

 

Во моментов гледам две можни излезни решенија од политичката криза. Првото е веројатно помалку посакувано за нашата држава но, веројатно е пореално имајќи ги предвид политичките односи и распределбата на политичката моќ во државата. Станува збор за преодна Влада составена од широка коалиција од сите политички партии застапени во Собранието. Веројатно, преговорите се прекршуваат на прашањето дали на чело на таквата Влада ќе биде актуелниот Премиер Груевски или пак ќе се бара решение со некој друг кандидат од владејачката партија кој досега не бил толку силно компромитиран од аферата со прислушкувањето. Второто решение сметам дека е подобро за „здравјето“ на државата, но истовремено е и помалку возможно. Станува збор за преодна Влада составена од експерти кои не припаѓаат на ниту една политичка партија. Ваквата Влада би можела на ефикасен и непристрасен начин да ја институционализира кривичната одговорност на сите замешани страни во аферата „прислушување“, но и да обезбеди минимум услови за организирање на фер и демократски парламентарни избори. Секако, постои и трета можност. Тоа е актуелната Влада да продолжи да купува време симулирајќи учество во преговори, и на тој начин да продолжи да раководи со државата и да се обиде да го избегне невозможното – политичка но и кривична одговорност за сите криминали кои се откриваат во содржината на прислушуваните разговори.

 

Тоа значи дека овие преговори не се само за да се излезе од политичката криза туку конечно да се излезе од општестврената криза и да се разграничат многу битни работи кај нас што не попречуваат целосно и конечно да се развиваме во едно нормално и демократско општество.