Украинскиот претседател Володимир Зеленски по состанокот со африканските лидери во петокот во Киев изјави дека мировните преговори со Русија ќе бидат можни само откако Москва ќе ги повлече своите сили од окупираната украинска територија.
Неговите коментари сигнализираа дека нема промена во ставот на Киев за мировните преговори, и покрај надежите на африканската делегација да посредува за ставање крај на војната што беснее од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
-Да се дозволи какви било преговори со Русија сега, додека окупаторот е на наша земја, значи замрзнување на војната, замрзнување на сè: болка и страдање. Потребен ни е вистински мир и затоа вистинско повлекување на руската армија од целата наша независна земја – рече Зеленски.
Тој појасни дека Украина се држи до сопствената мировна иницијатива, заснована на целосно повлекување на Русија, но ги покани африканските лидери да учествуваат на планираниот меѓународен мировен самит.