Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, попладнево пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент потврди дека извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западниот Балкан се одлагаат за септември, но не и преговарачките рамки за Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Веќе неколку дена се шпекулира во Брисел дека извештаите ќе бидат одложени за на есен, ова Вархеји го потврди денеска и нагласи дека фокусот на Европската Комисија е пред сѐ свртен кон Скопје и Тирана.
-Работиме деноноќно со Ковид-19 и со оглед на тоа дека е тешко да се предвиди каква ќе биде економската состојба, исто е тешко да се види како ќе се испорачаат реформите, затоа што, се разбира, Ковид-19 ја кочи работата. Сакаме да излеземе со суштински извештај, добар извештај кој ќе даде проценка за напредокот. Мојот фокус сега е повеќе на преговарачките рамки за двете земји, Северна Македонија и Албанија. И тоа што можам да го кажам е дека овие ќе бидат објавени во јуни. И мислам дека ова е клучен дел за да го задржиме моментот што се создаде, изјави Вархеји пред европратениците.
Во однос на преговарачките рамки, тој посочи дека тие ќе бидат придружени од проценка за реформскиот напредок.
-Ќе излеземе наскоро и се надевам до септември, зависно од агендата, со вообичаениот пакет, пакетот за проширување. И се надевам исто да излеземе со планот за инвестиции и економски развој за Западниот Балкан во септември, изјави еврокомесарот за проширување.