Четириесет и едногодишниот Љубомир Огненовиќ., хирург на скопската Абдоменална хирургија денеска беше повреден, откако незадоволен пациент пукал во него со пиштол во работната соба, каде што лекарот заминал по извршената операција.
Според информациите, на Хируршките клиники утринава се случувал вистински хорор. Се почнало, откако сега повредениот лекар го известил роднината дека пациентката, која била негова мајка починала во шест часот изутрина, откако претходно била хоспитализирана неколку денови на клиниката. Нашите извори тврдат дека лекарот го известил нејзиниот син, кој подоцна се вратил со уште двајца други и насилно влетал во работната соба на лекарот. Дел од лекарите, по неколку минути слушнале десетина истрели од пиштол, при што веднаш истрчале да видат што се случува. За „Фокус“, тие објаснуваат дека незадоволниот пациент пукал во лекарот со намера да го погоди во стомак, но тој ги кренал нозете при што се здобил со три прострелни рани во ногата.
Но, според кажувањата на лекарите, тоа не било се. Откако незадоволниот роднина пукал во лекарот, тој го оставил повредениот лекар 20 минути да седи во собата и заедно со двајцата придружници со пиштолот шетале низ ходникот, додека дел од лекарите го следеле целиот настан. Според нашите извори, тој шетал низ клиниката и им се заканувал и на другите лекари и медицински персонал. Полицијата ги уапсила сите тројца, а повредениот лекар во моментов е во добра здравствена состојба, откако претходно му била направена операција.
Во меѓувреме, на Абдоменалната клиника настана тотален хаос. Полицијата неколку часа вршеше увид, специјалци имаше на сите страни, а пациентите останаа надвор пред Хирушките клиники, чекајќи дали некој ќе ги прими на преглед или операција. На повеќето од нив им беше кажано да си заминат, затоа што сите операциони сали се затворени и се прекинува програмата за оперирање.
На Клиниката, исто така се појави и министерот за здравство Никола Тодоров, кој подоцна ги избегна новинарите и не сакаше да дава никакви изјави. Туку, само неприметно излезе од Хируршките клиники.
Ваквиот настан после толку време ги крена лекарите на нозе при што следуваше жестока реакција. Тие масовно се собраа во Амфитеатарот на Хирургија, каде донесоа одлука од утре да прекинат со сите операции, се додека не им се исполнат барањата, а тоа се морална одговорност од министерот Тодоров и доусовршување на законот за заштита на докторите.
– Морална одговорност од министерот за здравство, законот за здравствена заштита да се врати како тој пред 2011 година, од кога со измените лекарите се доведени во ваква состојба и Лекарската комора да предложи закон за лекари кој Владата ќе го прифати без забелешки – се барањата на лекарите по денешната средба.
Според нив, додека не се исполнат овие барања, тие нема да оперираат. За денешниот настан, реакција најавија и од Лекарската Комора.
Оставка од Тодоров побараа и од опозицискиот СДСМ.
– Што уште треба да се случи за Никола Тодоров да си поднесе оставка? Родилки и бебиња умираат, денеска е пукано во лекар. Нема да има операции на хирургија, додека не се заштитат лекарите со закон. Груевски и Тодоров не можат да го гарантираат здравјето на пациентите. Груевски и Тодоров не можат да ја гарантираат безбедноста на лекарите. Хаосот во јавното здравство е резултат на погрешните политики на Никола Груевски и Никола Тодоров – истакна пратеничката Јагода Шахпатска, претседателка на собраниската Комисија за здравство.
Остануваат нејасни прашањата – зошто хируршките клиники немаат обезбедување и како секој може да влезе внатре со пиштол и да пука каде сака и во кој сака? Дали некој треба да контролира што носат луѓето со себе кога влегуваат во болница? Кој ќе понесе морална одговорност за последните случувања?