Државната изборна комисија денеска на седница во 16 часот ќе го разгледува решението на Управниот суд за повторување на гласањето во Чаир. Управен, инаку, донесе одлука за повторување на гласањето на избирачко место 2901 во општина Чаир, со образложение дека оваа одлука може да влијае врз изборниот резултат.
Во вториот круг, разликата во Чаир меѓу Висар Ганиу од ДУИ и Зекирија Ибраими од Беса беше 209 гласа, а на избирачкото место 2901 вкупно се запишани 719 избирачи. На ова избирачко место, Ибраими го победи Ганиу со 66 гласа.
Судот ги одби останатите 15 тужби, што политичките партии ги поднесоа по вториот круг од локалните избори одржани на 29 октомври.
Најмногу тужби против одлуките на Државната изборна комисија до Судот поднесе „Алијанса за Албанците“ – вкупно 11, четири поднесе Беса, а една тужба поднесе Народното движење за Македонија.