Државниот фонд за ПИОМ ги префрлија сите пари кои што со месеци ги должеа на приватните пензински фондови. Од „КБ-прво пензиско друштво“ за Телма потврдиле дека на нивната сметка легнале шест милиони евра, колку што изнесуваше долгот на Државниот фонд за придонесите на идните пензионери.
Исто го потврдија и од „НЛБ- нов пензиски фонд“, и на нивната сметка легнале околу пет милони евра задоценети уплати. Инаку денеска истекува рокот во кој Државниот фонд треба на Министерството за труд и социјална политика да му ги достави документите за своето работење во последните четири години.
Пред неколку дена, директорот на ПИОМ Шаип Зенели рече дека натрупаните долгови сукцесивно ќе се намалуваат и порамнувањето ќе заврши за околу 8 месеци. Министерката за труд, Фросина Ременски формираше специјална комисија со задача да го провери работењето на ПИОМ и да утврди зошто Државниот фонд навреме не ги извршува своите обврски кон приватните фондови.