Предвремени избори за излез од политичката криза

by Фокус

Оваа комбинација на неспособност и криминал, од една страна, и желба за успех, од друга страна, ја поставува Македонија во состојба самата да прифати да се негира и избрише, а македонскиот народ самиот да признае дека е дрво без корен, дека нема историја, култура и сопствена национална и политичка самосвест

Пишува: Александар НИКОЛОСКИ

Собраниската седница од овој петок, 18-ти август, ќе значи дефинитивен крај и пораз на седумгодишното лошо владдење на владата на СДСМ и ДУИ.

Овој 18 август ќе покаже дека криминалот и корупцијата, немањето реформи, назадувањето во образованието, тонењето на здравството, стагнацијата во економијата, немањето странски директни инвестиции, ниту потик на домашните фирми да извезуваат, злоупотребата на државните ресурси и многу други примери на неуспеси што ја следат владата на СДСМ и ДУИ не може да се покриваат со празни приказни за членство во ЕУ со прифаќање на целосниот бугарски диктат.

ЦЕЛОСНА ПАНИКА

Едноставно, на целата јавност ѝ стана јасно дека процесот на европски интеграции се злоупотребува во домашни политички цели. Притоа, власта не е способна да испорача во ниеден клучен сектор, а корупцијата оди рака под рака со оваа власт и ветува лажни приказни, кои за да добијат каква-таква валоризација, мора да поминат низ понижување од Бугарија.

Тоа е така затоа што некоку големи земји-членки на ЕУ сметаат дека Мкаедонија не е спремна да почне преговори за членство со ЕУ заради високото ниво на криминал и корупција и немањето реформи.

Во такви услови, Бугарија прецизно ги антиципира, од една страна, својата позиција, а од друга страна очајната потреба за некаков успех на владата на СДСМ и ДУИ и наметнува услови, кои ниедна претходна македонска влада не била ни подготвена да ги разговара, а да не зборуваме да ги прифати како бугарски барања.

Оваа комбинација на неспособност и криминал, од една страна, и желба за успех, од друга страна, ја поставува Македонија во состојба самата да прифати да се негира и избрише, а македонскиот народ самиот да признае дека е дрво без корен, дека нема историја, култура и сопствена национална и политичка самосвест.

Секако сево ова беше со голем презир одбиено од македонскиот народ и затоа бројот на тие што се против овие уцени, секогаш е далеку поголем од вкупниот број на избирачи што излегуваат на кои било избори заедно. Во еден збор, целокупниот македонски народ не е спремен да се избрише самиот себе само за ден повеќе власт на СДСМ и ДУИ.

Во една целосна паника, губејќи го тлото под себе од една страна, и притиснати од Бугарија и европските партнери од друга страна, пред кои ветувале дека магично ќе обезбедат двотретинско мнозинство во Собранието, челниците на СДСМ и ДУИ коцкарски го пратија предлогот за уставните измени во Собрание.

ЦРВЕНА ЛИНИЈА

На тој начин, коцкајки се не само со сопствените политички кариери, кои и воопшто не се важни, туку и со иднината на Македонија, затоа што каменот што го врзаа околу вратот на државата и македонскиот народ со прифаќањето на т.н. француски предлог уште многу години ќе создава проблеми.

Ќе треба многу знаење, вештина, лобирање, ако сакате и малку среќа за Македонија да ги избрише штетните последици од неразумните потези на власта на СДСМ и ДУИ.

Прв чекор секако е да не поминат и нема да поминат уставните измени со цел влез на Бугарите во македонскиот Устав. Тоа мора да се постави како црвена линија за јасно да се знае дека има крај на попуштањата и веднењето пред туѓи условувања.

Само една политика на заемно почитување и валоризирање, на рамноправни основи како два соседи, може да придонесе за развој на пријателски односи меѓу Македонија и Бугарија. Но, тоа е висока политика за оваа крими-влада, која никогаш нема да ја разберат.

Во овие моменти треба да се размислува како да се излезе од ќор-сокакот во кој влезе Македонија и од серијата неуспеси и понижувања. Таа стратегија не е ни едноставна, ни лесна, но за и воопшто да почне да се реализира, потребен е првиот чекор – замена на корумпираната и неспособна екипа на власт.

Предвремените избори треба да ѝ заштедат 6-7 месеци на Македонија, толку е разликата со редовните, но уште повеќе да бидат и симболичен показател дека ваква неспособна и корумпирана власт не смее да истера цел мандат и не смее да се повтори.

По изборите, јасни национални политики за борба со криминалот и корупцијата и враќање на националното достоинство ќе бидат првиот неопходен чекор за просперитетна Македонија, која земјите-членки на ЕУ ќе сакаат да ја видат како свој рамноправен партнер.

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости