Предвремени избори ако за 10 дена нема договор за уставни измени

by fokus
За неколку дена ќе се знае дали постои амбиент за постигнување договор со опозицијата за двотретинско мнозинство кое е потребно за да се изгласаат уставните измени во Парламентот кои произлегуват до Договорт за името со Грција, кажа вчера премиерот Зоран Заев.

Тој во изјава дадена по свечениот час на новозапиишаните студенти на ФИНКИ, најави дека од денеска ќе почнат разговорите со опозицијата за да се дознае дали постои можност за договор. Смета дека постои капацитет за одржување предвремени избори кои се, вели, последна опција доколку не се постигне договор.

– Секако дека има капацитет за избори. Законот и Уставот ги предвидуваат следните чекори. Но, се надевам дека ќе успееме да се договориме. Процесите неможат да бидат замрзнати и да стојат на место, работите мора да се движат напред, рече премиерот.

Доколку не се постигне договор и се оди на предвремени избори, според него, изборите ќе се случат брзо, а како термин за нивно организирање го спомна крајот на ноември. Тој напомена оти во целиот тој процес мора да се мисли и на другите рокови, на пример на изборите за Европскиот парламент кои ќе се одржат во мај следната година, а на кој ќе учествува и Грција.

Заев истакна дека во  сегашната ситуација реално е сите да покажат политичка зрелост со оглед на тоа што никој не понуди алтернатива на НАТО и ЕУ, ниту пак подобар договор од овој што е постигнат со Грција.

И вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на заедничката прес-конференција во Владата вчера со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи најави дека во следните седум до десет дена ќе се направат сите потребни консултации со пратениците и пратеничките групи и ќе се процени дали постојат шанси да се обезбеди двотретинско мнозинство.

– Доколку постојат, сметаме дека Македонија реално ќе добие шанса во брза и ефикасна процедура да ги заврши своите обврски, да обезбеди членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Доколку не, мора да ја употребиме втората демократска алатка, а тоа е организирање на предвремени парламентарни избори, појасни Шекеринска.

Двајцата вицепремиери испратија порака дека сега е време кога на Македонија и е потребно единство повеќе од кога било и кога пратениците не треба да донесат партиска, туку лична одлука дали сакаат во ЕУ и НАТО или сакаат изолација.

– Ова е време кога на Македонија и е потребно заедништво повеќе од кога било досега. Пратениците во Собранието на Република Македонија ќе имаат јасен избор – од една страна Македонија во НАТО и ЕУ, а другата страна е изолација и неизвесност. Пратениците очекуваме да ја прифатат пораката од референдумот, да ја преземат својата одговорност и да ја направат Македонија земја во која граѓаните ќе имаат подобри шанси за живеење, рече Шекеринска, додавајќи дека во блиска иднина Македонија нема да има ваква шанса.

Поврзани новости