Предметите што ги оставив не ги процесуираа, ама тие фирми станаа блиски до власта!

by Фокус

Текстот е објавен на осми март 2013-та во неделникот „Фокус“ во бројот 923  

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС На трибината на невладината Цивил раскажавте како ВМРОДПМНЕ во 2009 година користела недозволени, или од законски аспект спорни методи за мотивација на гласачите? Зарем пред тоа немаше такви појави?

ЦВЕТАНОВ Морам да се вратам на 2006 година и преку мала ретроспектива да доловам како кршењата на законите се зголемуваат од кампања во кампања. Во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција и немаше некој маневарски простор да го крши законот. Тогаш мотивацијата беше на идеолошка база. Во 2008 година, исто така, можам да кажам дека сѐ уште имаше нешто идеолошко на мотивациски план. Кршењето на законите почна, ама не беше на висок степен, од причина што претходно беше обработен теренот со тезата дека ВМРО-ДПМНЕ не може да ги исполни ветените реформи затоа што е во коалиција во НСДП. Се потенцираше дека доколку добие апсолутно мнозинство, апсолутно ќе ги исполни сите ветувања дадени во Преродбата во 100 чекори.

ФОКУС Да, но во 2008 година беше фиксиран и патриотскиот имиџ издигнат особено по нашето фијаско на НАТО самитот во Букурешт.

ЦВЕТАНОВ Апсолутно се согласувам, тој период врвот на ВМРО-ДПМНЕ го искористи многу добро за да поентира на терен, односно да го крене својот рејтинг до максимум. И тогаш е нивниот најдобар резултат. Но, од 2008 година наваму, ВМРО-ДПМНЕ скрши голем дел од принципите за кои што говореше претходно, меѓу кои и коалицирањето со ДУИ. Да потсетам, тоа беше напаѓано во колумни од страна на Никола Груевски – како може владата на СДСМ да поставува министри и заменик-министри од УЧК, па до ветувањето дека никогаш нема да коалицира со ДУИ.

Тоа го говореше и во кампањата во 2008 година, но потоа направи коалиција со нив. Токму по 2008 година, по изборите се случи драстичен пад на рејтингот, бидејќи откако ВМРО-ДПМНЕ доби апсолутно мнозинство во парламентот, се виде дека идеолошка матрица е искривена, односно тогаш се назначија голем број на функционери кои имаат минат труд од 2004 до 2005 година во СДСМ, од оној нивен славен втор и трет ешалон како и од ДА.

ОЛИГАРСИТЕ ВЕЌЕ СЕ ПОД КОНТРОЛА НА ВМРО-ДПМНЕ

ФОКУС Но, токму Груевски постојано нагласува дека си држи до зборот?

ЦВЕТАНОВ Тој сега зборува едно, а по 2 години ќе направи сосема нешто спротивно, но тоа ќе го спинуваат во јавноста, во смисла дека за тоа е виновна опозицијата. Би ги споменал и олигарсите против кој плукаше, а постепено, од 2006 година, па наваму, гледаме како тие се претопуваат еден по еден во ,стадото, на ВМРО-ДПМНЕ. Односно, повеќето од олигарсите веќе се ставени под контрола на ВМРО-ДПМНЕ преку најразлични методи, а со злоупотреба на власта, се разбира.

ФОКУС Но, и денес зборуваат дека криминалната приватизација е дело на Бранко Црвенковски и на СДСМ, во спотовите тоа доминира.

ЦВЕТАНОВ Околу криминалната приватизација можам да кажам неколку работи. Прво, дека Никола Груевски беше министер за финансии од 1999-2002 година. Под негови директни ингеренции беа Царинската управа и УЈП, односно ги имаше главните инструменти за целосна ревизија на приватизацијата. И доколку сакаше да го направи тоа, тој имаше одврзани раце. Тој не може да се амнестира никогаш од тоа. Второ, пред неколку години доби јавна понуда за откривање на сите дела кои се поврзани со приватизацијата преку уставни промени, кои тој ладно го одби, бидејќи очигледна е намерата која што веќе излегува на виделина.

Целта била превземање на најголемиот дел од компаниите во Македонија, и нивно ставање под контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Значи, ако во 2006 година 90 отсто од компаниите беа под контрола на СДСМ, сега е обратна ситуација, 90-95 отсто од компаниите веќе се под контрола на ВМРО-ДПМНЕ. И тој тренд продолжува, до експанзија на неколку фирми блиски до власта, кои купуваат сѐ што ќе стигнат низ државава.

ФОКУС Не би ги именувале фирмите?

ЦВЕТАНОВ Знае јавноста на кои фирми алудирам. Јасно е дека бизнисот е клучен фактор за секои избори, бидејќи стопанството е тоа кое што вработува најголем дел од граѓаните, а е важно и од аспект на донации. Веќе е видливо, ретроспективно од денес наназад, дека таа операција не била случајна и дека свесно ги зеле фирмите под своја контрола.

ФОКУС Се работело плански?

ЦВЕТАНОВ Сакам да потенцирам дека она што било обработувано од моја страна како директор на Управата за спречување на перење пари, потоа тие предмети не ги процесуираа, но затоа пак видов како тие фирми стануваат блиски на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека станува збор за злоупотреба на одредени материјали за компромитација на одредени личности, за потоа тие бизнис структури да се придобијат во таборот на ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС Тоа значи дека институциите се користат за партиски цели, кои немаат врска со интересите на државата?

ЦВЕТАНОВ Најстрашно е тоа што РМ се наоѓа во длабока и сериозна криза, не само демократска, туку и институционална и морална, бидејќи институциите од највисоките до подрачните единици низ градовите се злоупотребуваат за партиските цели. Како што споменав, ВМРО-ДПМНЕ има идеолошка криза и нема што повеќе да понуди на граѓаните, оти едно исто го верглаат со години. Сите функционери добиваат агенда каде што треба да се појават, на кого треба да се јават и што треба да направат со цел добивање поголем број гласови во контото на ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС Ве разбирам, но тоа не е спорно. Секоја партија се ангажира  максимум на терен, да убедува, да придобива…

ЦВЕТАНОВ Само проблемот е во тоа што функционерите не се јавуваат со име и презиме, како личност, туку како функционери на одредена институција, при што користат суптилни или директни закани дека доколку не постапи граѓанинот по наредбата, ќе следуваат проблеми во иднина!

ТРОЈАНСКИТЕ КОЊИ ЗАМИНАА, ТВРДОКОРНИТЕ ОСТАНАА

ФОКУС Да, но како тоа да се документира? Луѓето се исплашени, за тоа се говори, овие сцени сум ги слушала на повеќе места, но стравот што постои кај луѓето е многу посилен, отколку желбата тоа да се надмине?

ЦВЕТАНОВ Сакам да напоменам една ситуација, за каков морал говориме, кога првиот човек на државата – премиерот, на конвенцијата спомена дека Стојанче Ангелов се продал за ситни пари кај Бранко Црвеновски! Како да го сфатиме тоа: како директна понуда до нас?

ФОКУС Стојанче Ангелов веќе реагираше дека има и докази, СМСпораки дека него му е нудено да премине на другата страна.

ЦВЕТАНОВ Од кои причини преминаа Филип Петровски, Марјан Додовски, Наталија и другите во ВМРО- ДПМНЕ? Да не мислите дека преминале за идеологија или за бонбони? Сакам да кажам дека Груевски веројатно сакаше да алудира дека ценовникот на СДСМ е многу понизок од нивниот. Јас тоа го подразбирам како директен или индиректен повик до најголемиот дел на членови од опозицијата: повелете кај нас, Бранко ве купува за ситно, а ние ќе ве купиме многу поскапо. Но, тој не може да сфати дека времето на квази идеологијата водена од ВМРО-ДПМНЕ заврши. И не постојат пари со кои може да биде купен овој дел од опозицијата што остана, бидејќи остана најтврдокорното членство. Поминаа тројанските коњи, се помина.

ФОКУС Во 2011 година, ВМРО-ДПМНЕ маестрално ја обработи десницата. А и самиот Филип Петровски тврдеше пред изборите дека има барем два тројански коњи меѓу четирите партии од десницата.

ЦВЕТАНОВ Очигледно е дека Филип Петровски бил информиран, бидејќи  се видоа тие два тројански коња, преминаа тој и Маријан Додовски.

ФОКУС Тврдите дека веќе нема тројански коњи во десницата?

ЦВЕТАНОВ И да има, ќе излезат на површина и ќе изгорат. Сменето е целосно расположението на теренот. Граѓаните дури и само да гледаат провладини телевизии, веќе научија да разликуваат што е пропаганда, што е реалност. Не може да помине кај граѓаните една лага петпати. Поминала еднаш, двапати, третиот пат лагата се филува со малку пресија, четвртиот пат и со пресија и со пари, но овојпат нема да им помине ниту лажење, ниту пресија, ниту притисоци, бидејќи на најголем дел од граѓаните им е преку глава.

Верувајте, комуницирам и со членови на ВМРО-ДПМНЕ од пониските ешалони на кои им е преку глава да ги слушаат наредбите за да се појавуваат на одредени трибини, да ракоплескаат на Груевски, да ги задоволат неговите хирови, поврзани со онаа негова фамозна изјава од владината говорница каде што се фалеше со митинзи, народ и слични работи. Таква изјава се дава од партиска говорница, а не од говорница на влада.

ФОКУС Такви забелешки имаше ОБСЕ/ОДИХР во 2011 година, конкретно за премиерот и за министерката Јанкуловска, каде што се мешаат партиската и државната функција. Но, тој тренд продолжува, убедени се дека тоа нема да доведе до силни критики од набљудувачите?

ЦВЕТАНОВ Мене ми е жал дека ваквите трендови во ВМРО-ДПМНЕ можат да нанесат сериозни штети на РМ, ништо повеќе. Нема да им помогнат овој пат да победат на изборите. Ваквите методи можат само да придонесат за продлабочување на политичката криза.

25 МИЛИОНИ ЕВРА ЦРНИ ПАРИ ВО 2011-ТА?!

ФОКУС Во 2009 година, Вие како дел од ВМРО-ДПМНЕ, бевте ангажиран во третата изборна единица, каде што главен беше Влатко Ѓорчев. Како ги мотивиравте гласачите тогаш?

ЦВЕТАНОВ Во 2009 година постоеше одреден револт кај комитетите, постоеше низок степен на мотивираност и беа направени сите оние операции за мотивирање на самите активисти, разговарање со сите…

ФОКУС Дали се користеа црни пари за поткупување на гласачите?

ЦВЕТАНОВ Можам да кажам дека не постои кампања до сега, со исклучок на онаа од 2006 година, каде што црните пари не биле петкратно повеќе од прикажаните. Дури 2011 година, моите извори говорат дека се потрошени повеќе од 30 милиони евра! Значи, ако ВМРО-ДПМНЕ има прикажано околу 5 милиони евра, односно признаени и потрошени пари, информациите говорат дека повеќе од 25 милиони евра се потрошени на рака, како црни пари.

Во 2011 година, кога ги слушнав тие информации ми стана јасно зошто имаше и толку противење околу моите заложби за ставање и средување на финансискиот систем на РМ, односно за високиот коефициент и проток на кеш низ државата.

ФОКУС Ама зарем немаше во 2009 година такви пари?

ЦВЕТАНОВ Ваквиот тип операции се координираат од самиот врв, од еден центар и морам да признам дека во тој дел се многу организирани. Протокот на информации е стеснет на минимум и директно се делат задачи секому од врвот. Едни ги прават анализите за состојбите на терен, други ги лоцираат потребите и ги одредуваат сумите што им се потребни, а на трети, веројатно непознати луѓе, им се делат и им се даваат торби со пари. И тие одат на самото место, им се даваат адреси.

ФОКУС За оваа работа сум слушнала и конкретни изјави. Но, не верувам дека некоја институција тоа ќе го провери, ќе го истражи и санкционира. Неодамна, Соња Мираковска од НСДП на трибината на Транспаренси го кажа истото за 2011-та, дека се давале по 150 евра од гласач во Тројката.

ЦВЕТАНОВ Ова само потврдува дека Македонија е во длабока институционална криза. Погледнете го само буџетот. Од 2 милијарди и 700 милиони евра, 1 милијарда и 200 милиони евра се предвидени за социјалните трансфери. Тоа е 2 спрема 1. Ваков сооднос немам видено во друга држава. И од другиот дел од средствата кои се предвидени во буџетот, повторно се наменуваат за задоволување посебни целни групи, де за пензионери, де за измислени нефункционални мерки за субвенционирање на земјоделието, кое е посебна тема.

Проблемот е што се фрлаат пари само за стимулација на одредени целни групи, а не за ефекти во стопанството и во економијата. Од тие причини, ние имаме проблем и со сериозна буџетска криза во државава, затоа што по доаѓањето на власт, опозицијата ќе наиде на сериозен проблем, како да ги вратиме работите во нормален колосек!

ИМ ТРЕБААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ ЗА ПРИКРИВАЊЕ НА КРИМИНАЛОТ

ФОКУС Колку тие целни групи на кои власта не штеди, се свесни дека со таквите политики на крајот заглибуваме сите?

ЦВЕТАНОВ За среќа, се освестија. Ќе наведам еден мал пример, јас секој ден се возам со градски автобус. И во вторници и во петоци, денови кога пензионерите се возат бесплатно, слушам како ја критикуваат владата, бидејќи нив ги интересира иднината на нивните внуци. Засегнати се што внуците им размислуваат или веќе заминуваат во најголемиот дел во странство.

Не смее да се потценува македонскиот народ. Истото важи и за земјоделците. Без разлика колку и да фрлаат субвенции, ако не се ефективни, тогаш бадијала им е. Проста математика, ние имаме зголемен увоз на земјоделски производи сега во 2013 година споредено со 2006 година, а отишле 500 милиони евра во субвенции. Каде се ефектите?

ФОКУС Дали верувате дека меѓународните набљудувачи ќе бидат построги кон изборните манипулации?

ЦВЕТАНОВ Жално е што во најтешките и во најдлабоките кризи, секогаш оставаме да одлучува меѓународниот фактор, бидејќи до сега изгледа не сме покажале доволна политичка зрелост сами да си ги решаваме проблемите. Истото важи и за овој проблем. Во 2011 година, меѓународниот фактор некако намигна и му даде простор на Груевски, односно го верификуваше изборниот фалсификат направен во 2011 година.

Но, по обединувањето на опозицијата против политиките на ВМРО-ДПМНЕ, по црниот 24 декември, без разлика дали меѓународниот фактор ќе се апстрахира од целата таа состојба или ќе се инволвира максимално, ние како опозиција ќе одиме до крај и нема да дозволиме ниту еден глас да биде купен, злоупотребен или уценет. До моментов ги следиме сите активности, знаеме што се случува на терен. Понатаму очекувајте конкретни дејствија од нас, од страна на опозицијата.

ФОКУС Зошто власта не прифати предвремени парламентарни избори?

ЦВЕТАНОВ Познавајќи го менталитет на врвот во ВМРО-ДПМНЕ, ќе распишеа парламентарни предвремени избори ама многу добро ги знаат бројките од терен. Ги знаат анкетите и знаат дека граѓаните овојпат нема да им простат. Знаат дека овојпат ќе бидат сурово казнети, како што знаат да казнат одвреме навреме граѓаните на РМ. Тие се обидуваат да си купат уште 2 години и поради тоа ги одлагаат парламентарните избори. Сакаат да го истераат мандатот на владата до крај, со цел, според мене, да изведат операција за прикривање на трагите за сите криминали што се направени до денеска.

ФОКУС Медиумски и финансиски опозицијата стои многу послабо од владејачката структура, а, сепак, верувате во победа?

ЦВЕТАНОВ Не би сакал сега да зборувам за пиар-стратегијата, но сакам да констатирам една работа – празните фрижидери, невработеноста, гладот, иселувањето на најмилите чеда, на децата, се најсилниот медиум што не може да го победи ниту Сител, ниту Канал 5, ниту цела армија медиуми што ги ставија под контрола ВМРО-ДПМНЕ. Нашата предност е тоа што граѓаните почнаа да препознаваат веќе што е политичка манипулација, што е пропаганда и веќе им станува одвратно да гледаат како некој на телевизија им објаснува како тече мед и млеко по улиците, а дома е глад и се соочува со неплатени сметки.

Контрапротестанти
СО ПЛАТА ОД 9.000 ИЛИ ДНЕВНИЦА ОД 500 ДЕНАРИ

ФОКУС Секогаш има доволно контрапротестанти?

ЦВЕТАНОВ  Гледаме дека таа цифра е околу 2 до 3 илјади луѓе, кои што, од она што го имам слушнато, најголемиот дел одат за дневници. Имавме една трик проба каде што пуштивме наш човек од партијата да им се придружи на тие контрапротестанти. Кога прашал еден од оние таканаречени диригенти, повозрасен човек, дали имаат намера да дадат пари, диригентот му рекол дека тој бил на редовна плата од 9.000 денари и дека има други кои се на дневница од 500 денари, и дека таму ќе треба да се пријави, за да му платат. Така што најголемиот дел од контрапротестанти се луѓе од пониските социјални ешалони во општеството кои што ги злоупотребуваат за нивни партиски цели!

Поврзани новости