Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на дененешната седница информира дека има предмет и се прибираат информации за случајот со Тодор Анѓушев, брат на вицепремиерот Кочо Анѓушев, за изградба на хидроцентрала на државно земјиште.
Одговарајќи на новинарско прашање претседателката на ДКСК Билјана Ивановска изјави дека има предмет и се работи на него. Повеќе информации најави кога ќе дојде крајот на случајот.
Членот на ДКСК Нури Бајрами, пак, рече дека се прибираат информации за предметот, кој бил покренат по пријава на ВМРО-ДПМНЕ или по допрен глас, а друга пријава е по основ на судир на интереси.
– Сега се работи и не можеме дa соопштиме детали, рече Бајрами.
Како што објасни претходно „Алсат“ со согласност на Владата, над девет илјади квадратни метри државно градежно земјиште со непосредна спогодба е дадено под закуп на фирмата МХЕ Тополки од Скопје, за изградба на мала хидро електрична централа и придружни објекти.
Одлуката е донесена на 11 – ти јуни годинава, а долготрајниот закуп на 32 парцели во село Дреново во Тиквешијата го потпишала вицепремиерката Радмила Шекеринска.
Управител на „Тополки“ е Тодор Анѓушев – брат на вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев.