Предлозите за уставни судии на дневен ред – дали Јовески ќе биде и официјално предложен?

by fokus

Утврдувањето на предлог за избор на судии на Уставниот суд е една од точките на дневен ред на Комисијата за прашања и именувања, што значи дека денеска можно е членовите на Комисијата официјално да ги предложат имињата на новите тројца уставни судии кои треба да ги заменат оние чиј мандат истече во јуни.

На нашето прашање до претседателот на Комисијата за избори и именувања, Костадин Костадинов дали денеска конечно ќе се предложат новите имиња на уставните судии со оглед дека точката е ставена на дневен ред, не добивме одговор. Според неофицијални информации од собраниски извори пак, денеска сепак нема да има предлози за новите уставни судии.

Во последната изјава за „Фокус“, Костадинов рече дека ќе свика седница на Комисијата за да се предложат новите уставни судии веднаш штом добие известување од членовите кои претходно бараа да се скокне оваа точка на дневен ред дека се создадени услови за отворање на таа точка, но сега официјални информации нема.

Републичкиот јавен обвините, Љубомир Јовески повтори дека ако биде предложен, тој ќе прифати да биде уставен судија.

-Јас веќе изјавив дека тоа е работа на Собранието, таму не се пријавува за местото за Уставен судија. Доколку пратениците и Собранието процени дека јас можам успешно да ја извршувам оваа функција, јас најавив дека ќе ја прифатам таа функција. Но, сето тоа е во рацете на пратениците. Од друга страна, веќе знаете Законот за јавно обвинителство е донесен и таму се предвидени критериуми кои треба да ги исполнува јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Има предвидено соодветна постапка како се постапува во случај кога ќе се испразни местото на Јавниот обвинител. Се распишува оглас, потоа оди на Влада, мислење дава и Советот на јавни обвинители и потоа јавниот обвинител го избира Собранието на Република Северна Македонија, изјави Јовески кој денеска беше на настан за конфискацијата на имот.

Засега е неизвесно кој ќе биде предложен за нов уставен судија со оглед на тоа што имињата се предлагаат на самата седница без кандидатите да достават документи. Досега се шпекулираше дека СДСМ ќе ја предложи актуелната генерална секретарка во Собранието, Цветанка Иванова и непознат адвокат од Битола, но овие имиња најверојатно се тргнаа од партиската листа, па сега најсилен адут стана јавниот обвинител, Јовески. Како предлог на ВМРО-ДПМНЕ се споменуваше пратеничката и професорка по уставно право, Гордана Силјановска – Давкова, но и за ова нема потврда.

Поранешната министерка за правда и професорка, Рената Дескоска за Фокус веќе потврди дека нема амбиции за во Уставниот суд, а според собраниски извори кратка биографија до Собрание имала доставено актуелната судијка во Граѓанскиот суд, Антоанета Димова.

Уставниот суд функционира без тројца судии откако на 1 јуни мандатот им заврши на судиите Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. На првата и последна седница на која требаше да се предложат нови уставни судии, партиите ќе се испотепаа за уште непредложени судии.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости