Франција: Од денеска само со здравствен пасош во кина и музеи

by Fokus

За да се оди во кино, во музеј или во спортски установи, Французите сега мора да презентираат доказ за вакцинација или тест против Ковид-19, таканаречениот здравствен пасош.

Од денеска здравствениот лист станува задолжителен за овие места веднаш штом тие се со одобренија за да примат повеќе од 50 лица, јави дописникот на МИА од Париз.

Здравствениот пасош предизвика загриженост за директорите на кино салите кои стравуваат да не ги изгубат гледачите по особено тешката година. За Ричард Патри, претседател на Националната федерација на француски кина, кино салите се „третираат како лоши ученици“, иако досега немало наведен извор на контаминација, односно жариште на епидемијата.

Министерот за здравство Оливие Веран рече дека гледачите или посетителите, откако ќе бидат проверени дека се целосно вакцинирани или имаат неодамнешен тест кој е негативен, тогаш ќе можат да ја тргнат маската.

Веран истакна дека „вирусот се шири со молскавична брзина“, поттикнат од брзото ширење на варијантата Делта.

Француската Влада вчера го претстави нацрт-законот, со кој вакцинацијата се прави задолжителна за негувателите и медицинскиот персонал и со кој се проширува употребата на здравствениот пасош.

– Влеговме во четвртиот бран, рече портпаролот на владата Габриел Атал.

За 24 часа се евидентирани 18.000 нови случаи, што претставува зголемување на циркулацијата на вирусот од околу 150 отсто во текот на една недела.

Денеска седница одржува Советот за одбрана за да се направи преглед на ситуацијата, додека премиерот Жан Кастекс во 13 часот ќе се обрати на првиот француски телевизиски канал ТФ1.

Во исто време, законот да се направи вакцинацијата задолжителна за негувателите и медицинскиот персонал и да се прошири здравствениот пасош во рестораните и возовите на почетокот на август, е веќе пред француските пратеници. Националното собрание треба набрзо да гласа за овој закон и покрај предвидените 600 амандмани.

Целта во моментов во Франција е до крајот на јули да има 40 милиони први инјектирани дози на вакцини.

Европската агенција за лекови во вторникот објави дека започнува постапка за „континуиран преглед“ за вакцината Ковид-19 од француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“, отворајќи го патот за можна апликација за идно овластување во Европската унија.

Поврзани новости