Предлог-одлуката за бројот на потпретседатели на Собранието денеска на пленарна седница

by Fokus

Претседателот на Собранието Талат Џафери за денеска го закажа продолжението нa втората седница на чиј дневен ред е Предлог на одлука за утврдување на бројот на потпретседателите на законодавниот дом.

Џафери предлага Собранието да има петмина потпретседатели. Во образложението на предлогот, Џафери повикувајќи се на Деловникот и на Законот за Собрание, наведува дека „бројот на потпретседателите го утврдува Собранието, по предлог на претседателот. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието“.

Според Деловникот, опозицијата има едно потпретседателско место, две предлага Комисијата за избори, а другите две се на мнозинството.

Во Собранието за денеска е закажано и продолжение на 15-тата седница на чиј дневен ред се останати Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на укажувачи, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судските такси, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за автокампови, и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за скијалишта, сите во прво читање.

Поврзани новости