Пред возот да излета од шините

by lali

Денеска, најнапред сакам да им се заблагодарам на сите што во изминатите месеци ми напишаа, ми се јавија по телефон, ми пратија пораки преку моите пријатели или ме запреа на улица да ми кажат дека редовно ги читаат моите текстови во „Фокус“, ме поддржуваа и охрабруваа да продолжам, дека се согласуваат со моите констатации и ставови.

Наспроти бројните пофалби од знајни и незнајни, сепак, имам чувство дека мора да е и малку напорно да се читаат моите текстови. Тие на почетокот беа замислени како колумни, но брзо прераснаа во долги четива, во кои, освен што пишувам за моите доживувања, мисли и ставови за македонската реалност, експериментирам со стилови и форми на изразување. Напорни се, импрегнирани со мракот, тагата и горчината што ја носи нашето заедничко секојдневие, време-невреме.

Имам обичај да си ги препрочитувам текстовите и по објавувањето, секој четврток навечер кога го носат пресно испечатен во трафиките. Кога е доцна за какви било исправки, нели? Благодарение на будното око на уредничката и на лекторката, ретко наоѓам некоја печатна или смисловна грешка што ми се протнала додека пишувам, но често се наоѓам себеси изнервиран што сум пропуштил да кажам уште нешто или недоволно јасно сум раскажал некоја случка.

Како и да е, често заспивам некаде на половина од читањето на моите текстови. Извинете ако го имам истиот ефект врз вас и ако ви одземам повеќе време отколку што сте планирале да потрошите на мене и на тоа што го имам во главата и во срцето. Но, најмногу од сѐ, уште еднаш, ви благодарам што читате!

ЧИТАТЕЛОТ ЖИВЕЕ ИЛЈАДА ЖИВОТИ

„Читателот живее илјада животи пред да умре, вели Џоџин. Човекот што никогаш не чита, живее само еден живот.“ (Џорџ Р. Р. Мартин, „Танц со змејовите“). Во таа смисла, ви подарувам дел од мојот живот и моето битие со секој збор што ви го пишувам еднаш неделно овде. Би сакал да слушнам и повеќе од вас, не само пофалби, туку и ваши гледишта и доживувања. Пишете ми повеќе, дајте ми некоја ваша приказна. Ќе се обидам дел од тоа да го споделам овде, каде се среќаваат слободољубивите луѓе.

Поврзани преку редовите што ги испишуваат храбрите новинарки и новинари во грст слободни редакции во оваа намачена и ограбена земја, расте една мала заедница од одважни граѓанки и граѓани за кои вистината е поважна од комфорот, за кои фактите не се закана пред која ги затвораат очите, туку поттик да останат будни.

Овие неколку слободни редакции секојдневно создаваат нешто што ќе претставува сведоштво за едно бескрупулозно владеење. Сведоштво кое еден ден ќе треба да се прочита и од кое ќе црвенеат образи. Ќе црвенеат образи, да, од срам и од шлаканици.

МАЛКУМИНА МОЖАТ ДА ГО ПРОМЕНАТ СВЕТОТ

Многумина ми кажале дека тоа што го правиме ние, малобројни активист(к)и и автор(к)и, е капка во морето, дека нашите писанија и дејанија не допираат до доволен број луѓе, дека правдините за кои зборуваме се далеку и дека ништо нема да се промени. Маргарет Мид, американска писателка, културен антрополог и граѓанска активистка од 60-тите години на минатиот век, на едно место ќе повика никогаш да не се сомневаме во тоа дека мала група од посветени граѓан(к)и можат да го променат светот. Всушност, така и се менува светот, вели таа.

И додека тонеме во немаштија и неизвесности, затворени во карантинот западнобалкански… Додека жолтица ги напаѓа нашите деца во училишните клупи и луѓе ни умираат по патиштата како да е војна… Кога болните мораат сами да си плаќаат лекови и потрошен болнички материјал, иако платиле и преплатиле за здравствено осигурување… Кога тензиите висат во воздухот и чекаат на случаен или испланиран минувач да го изгасне светлото… Кога маката ги стегнала стомакот, градите и вилиците…

Вресокот помага, ама и за тоа треба да се има срце, да се пушти глас и да се исправи стас.

Кога секој од нас ќе го претвори шепотот во вресок, а тивката поддршка по мејл или на телефон ќе ја претвори во гласен став, Македонија ќе загрми. Тогаш, моите сограѓан(к)и кои редовно ја искажуваат својата скепса дека ние, слободарите, сме малку и дека времето на мир и демократија е отидено во неповрат, ќе сфатат дека и не е баш така. Ќе сфатат дека шепотот никогаш не бил доволен. И дека тоа треба да го направат час поскоро, пред возот да излета од шините во амбисот.

ТРЕТА СВЕТСКА ВОЈНА…

Светот денес е во грозна состојба. Ако некогаш сум го замислувал почетокот на третата светска војна, апокалипсата на човештвото, тоа се токму овие години на ужасни крвопролевања, неискажливи страдања на цивили, масакри на деца, жени и немоќни. Сиромаштија, насилство и смрт се дневното мени на огромен дел од човештвото. Болни умови, собрани во армија, снимаат масакри со своите таблети и смарт-телефони и ги споделуваат со светот. Во име на некој бог. Илјадници крволоци од разни точки на земјава се слеваат во таа армија да грабнат дел од тоа крваво безумие.

Џихадистичката армија на Исламската држава (ИСИС) стана дестинација на очајници, изгубени души и манијаци. Војните во денешно време покажуваат колку нивната географска оддалеченост е неважна и дека секое крвопролевање го допира секој човек на оваа планета. Меѓу регрутите се и млади души изгубени во лавиринтот на верскиот фанатизам и екстремното лудило од нашава земја. Како што разбравме од вестите за погибијата на десетина од нив, се работи и за Албанци од Македонија. И гинат. И убиваат. Стануваат дел од безочниот масакр на Арапскиот Полуостров.

Коалицијата што ја собира американскиот државен секретар Џон Кери, секако ги вклучи и неколкуте карикатури од држави на Западен Балкан, секогаш услужните Албанија и Македонија. Тука сега е и Србија, која одамна го напушти курсот на изолационизам и сега со крупни чекори ита кон ЕУ и НАТО. Изненадувачки, ако се земе предвид каква структура е на власт во Србија, но се случува.

За Албанија, сѐ уште живо се сеќавам на шегата на еден ТВ новинар, кој пред низа години кажа: „Народе, сакај ја својата земја, како што Албанија ја сака Америка“. Како земја што толку ја сака Америка, но и како членка на НАТО, за Албанија некако и се подразбира дека ќе биде дел од коалицијата што ја гради САД против монструозниот ИСИС.

…МАКЕДОНИЈА И СРБИЈА

Кога се работи за Македонија, сѐ е чудно, но вистинито. Со години се крати воениот буџет, не се спроведуваат НАТО програмите, владата работи против исполнување на политичките критериуми за влез во НАТО, а името, пак, се промовира како единствен проблем. Во тоа дека името е единствен проблем на земјава за интеграциските процеси сега веќе ни најнаивните не веруваат. Како и да е, Македонија е секогаш послушното војниче што се постројува, подготвено да тргне во секоја воена интервенција. Меѓу нив има и Албанци.

Ивица Дачиќ беше во Скопје. Спонтан, насмеан, удобно седнат во фотелјите, потпишува, се ракува и се гушка, доминира во кадарот на снимателите и фотографите, помалку поради својата корпулентност, повеќе поради пристапот и однесувањето. Неговиот домаќин, Никола Попоски изгледа како да е загрижен околу тоа кој дел од барокното МНР е поплавен.

Така, во непоплавениот дел на Министерството, се собраа министриве за надворешни работи на Србија и на Македонија и трескаат глупости пред камери. Дачиќ дојде во Македонија да ги кара западните земји. Вели, накратко да го парафразирам, дека ги повикуваат сега нив, Србија и Македонија да се борат против радикалниот тероризам (зар има и нерадикален тероризам?), тогаш кога тие се нападнати, но дека треба да ги поддржат нашите земји кога радикалниот ислам ги напаѓа и дома.

Што направи со оваа изјава Дачиќ? Прво, својата националистичко-популистичка ориентација ја задржува пред својот електорат, а го мобилизира и својот укрутен домаќин во стилот: „Не брини, ја ќу то да одрадим за обојицу“. Тоа го постигнува со острината на вокабуларот насочен против Западот. Исто како неговиот шеф, премиерот, кога пред неколку месеци, за време на поплавите, остро ја критикуваше ЕУ, која непосредно пред тоа, по итна постапка одобри огромни суми за хуманитарна помош на Србија. Исто и сега. Послушно потскокнува во стројот кој го командуваат САД и НАТО, но за домашна употреба џавка како нервозно кутре.

Домаќинот Попоски се охрабри, па вели дека ако Грција го прекршила меѓународното право и тоа се толерира, тогаш ни Македонија нема обврска да го почитува меѓународното право. Кај ли му беше умот? А потоа продолжи снисходливо да клима со главата и да се смешка пред својот доминантен гостин.

Попоски и Дачиќ можеби беа премногу возбудени, па заборавија да кажат дека во таа воена коалиција против ИСИС е и соседна Албанија каде што живеат, замислете, претежно Албанци. И дека во македонската армија има војници кои се етнички Албанци кои се борат заедно со своите сограѓан(к)и од сите други етнички заедници во земјава. Секако, заборавија да го кажат тоа, бидејќи ако не заборавеа, нивниот тон и однесувањето ќе беа поинакви.

КРВАВА СЛУЖБА

Уште повеќе, институциите, поточно властодршците, заборавија да се запрашаат како дојде до тоа толку да нарасне екстремизмот и верскиот фанатизам. Дали направија нешто да разберат зошто младите Албанци, под закрила на подземните регрутни центри се најдоа на боиштата од каде што доаѓаат грозоморните извештаи? Дали знаат зошто младите го сакаат насилството, а не знаат да говорат, читаат и пишуваат? Без идеја, без работа, излажани, изманипулирани, сегрегирани и дискриминирани, тие се лесна жртва на регрутните центри во политиката, верата или во војната.

Секој што има барем малку дух и разум, не само што ќе одолее, туку и жестоко ќе се спротивстави на верскиот фанатизам и војната. Значи, се нема ни трошка дух и разум, се нема ни трошка цивилизираност. Кој може да биде виновен за тоа? Господ? Или општеството и институциите?

И така, во моментов ситуацијата на светското боиште е следна. Албанци и други муслимани од Македонија и од другите делови на Балканот заминуваат во крвава „служба“ на ИСИС. По нив, во потера се вдале Македонци, Срби и Албанци, рисјани и муслимани, сеедно. Потоа ќе се вратат дома, некој на две нозе, некој на една, некој во лимен сандак.

Потоа, што? Боиштето ќе го преселат назад, дома, како што најавија билмезиве. И дури тогаш ќе нѐ снајде бељата, кога овие млади луѓе, надрилани со крвави искуства, ќе се вратат дома. Впрочем, таа беља си ја сркаме во мали дози веќе подолго време, но наскоро врз сите нас ќе се истури жешкиот котел на чорбата што сами си ја замешавме, дозволувајќи им на грабежливците да управуваат со нашите животи.

За време на онаа седенка во скапиот барокен ќенеф, премиерот Груевски беше надвор од државата, на роуд-шоу во Турција, кај другар му, султанот. Ќе остане уште некое време. Кој знае што уште нѐ чека деновиве додека тој собира поени од надвор за дома. Некаде прочитав дека премиерот и нема зошто да биде во земјава кога се случуваат немили настани, бидејќи тој си има составено влада од ербап јунаци, кој од кој поербап.

Што се однесува до мене, не мора ич да се врати, но мислам дека не е случајно што секогаш е отсутен кога земјава е во или пред некој нов скандал, политички пожар или безбедносен предизвик. Скандалозните, но нималку наивни изјави на Дачиќ и на Попоски, сепак, се играчка во споредба со тоа што сѐ може да ни се случи есенва, имајќи предвид во каква состојба е земјата.

СПЕЦИЈАЛНА ВОЈНА

Со нефункционален парламент, со црква што стана дел од партијата, која, пак, ги проголта државата и општеството, со население што го изгубило компасот и се наоѓа во состојба на тегобен полусон, со структурно насилство, кое навлезе во секоја пора од животот, со страв во коските и патриотска песна за премиерот на усните – оваа земја нема иднина.

Спасот нема да дојде ни од небото, ни од земјата. Сум кажал и сум напишал илјадници пати. И пропаста и спасот од пропаста се во нас, самите.

Деновиве дел сум од поголема група активист(к)и и организации кои почнаа серија акции за промовирање на мирот, толеранцијата, ненасилството и човековите права. Освен тоа што тоа е дел од нашата редовна обврска кон нашето општество, се решивме да го кренеме гласот против, како што ја нарековме, специјалната војна против граѓанското општество.

Неприфатливо е една власт јавно да ги жигосува и распнува оние што мислат и говорат поинаку. Неприфатливо е една власт да велича воени злосторници како херои, да негува култ кон оружјето, насилството и кон масовни убијци од минатото. Воедно, истата таа власт, вулгарно и бескрупулозно, преку своите мизерни медиумски слуги, ги замолчува оние што застапуваат современи концепти за развој на општеството и демократијата, засновани на мир, разбирање и почитување.

Знаеме што нѐ чека, но за нас нема други опции, освен да се бориме за човековите права и слободи со сите средства кои може да си го дозволи едно цивилизирано општество. Избрав да бидам дел од тие малкумина граѓани кои сакаат да го видат светот променет кон подобро, без оглед на тоа колку гнасотилаци и лаги ќе истурат против мене и моите другарки и другари. А за тоа да се случи, тој подобар свет да стане реалност, треба да почнеме од сопствениот дом, а тоа е нашата земја.

Нема да се согласам со уште една војна на властодршците против сопствените граѓани. Ние, малкумина, ќе бидеме живо сведоштво дека насилството е кукавички чин, а заложбите за мир се одлика на храбрите. Заложбите за мир и човекови права не се само зборови употребени во изјава, туку се животна определба и секојдневна лична битка за вредности.

Поврзани новости