Пред пандемија – дигнитет

by Фокус

Пишуваат
Густаво Сарагоса (професор на Универзитетот „Валенсија“, Шпанија)
Пабло Гил (претседател на Институтот за европски вредности „9 Мај„)

„Достоинството на едно општество се мери со третманот што им го дава на возрасните“ – Хозе Марија Маравал

На почетокот на овој век, во Грузија беше пронајден човечки череп стар скоро два милиони години. Черепот беше целосно без заби. Нашиот предок можеби имал околу 60 години кога починал, а експертите тврдат дека тоа е првиот доказ за незаинтересирано човечко однесување: без заби не можете да џвакате месо или зеленчук. Некој морал да му помогне и сигурно тоа не била некоја „невидлива рака“ на џунглата, туку некој од блиското опкружување, многу поблизок и реален: семејството и пријателите.

Социјалните дарвинисти тврдат дека во текот на тие 2 милиони години, само најсилните преживувале и дека на „секој за себе“ било движечкото правило за регулирање на општеството и пазарот. Тие биле во голема заблуда. Взаемната помош, проектите и активностите во заедницата, солидарноста, заштитата на деца и стари лица или индивидуалното жртвување во име на колективно добро се некои од однесувањата што ни овозможија да се соочиме со голем број на опасности, тешки времиња, катастрофи и сл. Ако овие однесувања биле исклучок, а не правило – како што тврдат антрополошките песимисти – во текот на овие два милиони години ќе останевме на истото ниво и немаше да одиме напред и да ги имаме достигнувањата кои се одлика развиените општества.

И, наместо тоа, успеавме да ја институционализираме заедничката помош и да ја претвориме во право, да генерираме структура за да одговориме на неволјите, преточени во сиромаштија, незнаење, болест. Да ги претвориме во системи на благосостојба кои преку јавно здравство, образование, пензиските и социјалните услуги се способни да одговорат на несреќата на најранливите групи во општеството, нудејќи одговор кој овозможува да се прераспределат можностите и да се гарантира едно пристојно ниво на квалитет на живот на населението.

Резултатите се повеќе од видливи. Стареењето на населението не ништо друго туку успех во животот. Луѓето со долг живот како индивидуални случаи постоеле отсекогаш, разликата е во тоа што сега таа можност е достижна за многу висок процент од населението. Во однос на здравјето, доказ е дека благодарение на јавниот систем на реакција на болести сите граѓани добиваат ефикасни и достапни решенија. Образованието како еден социјален лифт, и пензискиот систем како знак на меѓугенерациска солидарност, претставуваат една општествена организација која се нарекува Држава на благосостојба – најнапредната формула која постоела во текот на историјата на цивилизацијата.

Ова наше гледиште е инспирирано од фактот што многумина од нас ја согледуваат основната на идејата за сериозните мерки што ги презема државата и општеството за да се спротивстават на вирусот. Логиката е каскадна и изгледа вака: се преземаат мерки за да се забави заразувањето; колку е побавно заразувањето, толку е помала веројатноста за колабирање на здравствениот систем; колку е помалку оптеретен здравствениот систем, толку е подобар квалитетот на здравствениот третман и поголеми се шансите за преживување на возрасните лица кои се најризичната група.

Но, има нешто друго. Многу од заразените постари луѓе кои имаат хронични болести веројатно ќе починат. Во секој случај, целиот колективен напор на Државата на благосостојба, нејзиниот национален здравствен систем и солидарноста на општеството ќе се стремат таа смрт да биде достојна. Сите се бориме за да не починат во ходник, без механичка вентилација, на улица или со очајни или импотентни здравствени работници покрај нив. Сите ние го правиме она што е во наша моќ да го спречиме тоа да се случи, продолжувајќи ја античката традиција на солидарност што нè прави човечни. Тоа е убавината што се крие зад цела земја што одлучува да запре, за своите луѓе.

Поврзани новости