Пред и по Преспа и што е „Преспа“?

by Фокус

По „Преспа“ договорот (2018 година) и изгласувањето на уставните амандмани, по речиси 2.200 години од „Пидна“, на меѓународната сцена во северниот дел на историската област Македонија, како легитимен, меѓународно признат политички субјект повторно се јавува држава со името Македонија.

Пишува: Драган КОЛЧАКОВСКИ

Без сомнение, најбурните години во Европа по Втората светска војна, во втората половина на 20 век се иницирани со „паѓањето“ на Берлинскиот ѕид (ноември 1989 година).

Некаде меѓу 1988 и 1992 година имав можност, речиси на дневна основа, да водам разговори, да полемизирам да се спротивставувам со свои размисли, но и да учам од професорот Милош Констатинов (1926-1993).

Професорот Констатинов, на Природно-математичкиот факултет дојде веќе како пензионер за да помогне, да држи настава на групата дипломирани географи, кои низ двегодишни студии требаше да се преквалификуваат во етнолози.

Нивната преквалификација беше од причина што првата генерација македонски етнолози замина во пензија и таков, „нов“ кадар немаше! Немаше затоа што одделението за етнологија на Филозофскиот факултет во Скопје функционирало од 1946 до 1953 година и потоа тие студии се укинати!

Зошто се укинати, кој придонел и тие што нешто знаеја во моето опкружување, никогаш немаа спомнато за тоа ништо!

ПРЕД ФАКТИТЕ И БОГОВИТЕ МОЛЧАТ

Професорот Милош Констатинов беше исклучителна личност, висок интелектуалец и веројатно наш водечки етнолог, антрополог по Втората светска војна. Беше комунист, но омилената фраза му беше: „Пред фактите и боговите молчат“!

Нашата генерациска разлика воопшто не му пречеше во тие пресвртни времиња да водиме и подолги разговори, а мене ми беше вистинско задоволство да си го проверам мојот светоглед, а и многу нешта да учам од професорот.

Пред да му почнат предавањата, ако дојдеше нешто порано, на самите паузи на предавањата, а често и по неговите предавања, чекајќи да го земат домашните, понекогаш и низ подолги дискусии разгледувавме некој тогашен, актуелен настан, но и за нештата што допрва би следеле…

За настаните околу последниот конгрес на КПМ и последниот (вонреден) конгрес на КПЈ, кои професорот живо го интересираа, секако дека и за тоа „на долго и на широко“ се разговарало, но, како неартиец, мене тоа баш и не ме интересираше и за таа тема речиси не се сеќавам на ништо.

Како комунист, кој и учествувал во градењето, а најголемиот дел од животот и го минал во СФР Југославија, на професорот Констатинов му значеше Југославија! За „одвоjувањето“ во што предначеше Словенија, остро се спротивставуваше. Јас обратно од него!

Во една пригода ми рече: – „Ти бе, Колчак, знаеш ли колку жртви се дадени за да се ослободи Словенија? Му возвратив дека ако се дадени толку жртви, тоа не значи дека други треба да им кажуваат што треба да прават. Нивно право е што сакаат и каде сакаат“.

Му велам: – „Професоре, Југославија не е од Бога дадена и од мене многу подобро знаете какви сѐ империи имало и пропаднале, ги нема, а не, пак, една Југославија?“

– „Е, да, во право си, ми возврати“. Во една пригода, фалејќи го за нешто премиерот на експертската влада, академик Никола Кљусев, професорот Констатинов ми возврати: – „Ајде сега и за него и за Кљусев ќе ми зборуваш, неговиот кревет на Голи Оток беше над мојот! Професорот Милош Констатинов, колку што беше комунист, исто толку беше и хуманист и имаше разбирање за моите погледи, колку и да не му се допаѓаа, колку и да го заболе, во себе, распаѓањето на Југославија.

За „што понатаму“ и не беше посебно загрижен, затоа што за него секоја генерација, и оваа моја, и неговата, и тие што ќе следат си имаат вредности и ќе исфрлат свој квалитет.

Во тие времиња, кога ниту на повидок не беше проблемот со „името“, низ многуте разговори со професорот, во една пригода му велам: – „Професоре, по сѐ изгледа, и ние ќе одиме кон независност и ако сакаме да бидеме посебна држава, ние не сме сета Македонија, најдобро е да се викаме Северна Македонија?

ДРУГО Е КАКО СВЕТОТ НЀ ПЕРЦЕПИРА

Професорот жестоко ми возврати, и со право, без да имам контрааргументи! Ми вели: – „Што зборуваш, бе Колчак? Па, за шест часа грчките тенкови ќе влезат во Битола (професорот е битолчанец), а за помалку од шеснаесет во Скопје? Тоа е чист иредентизам, размисли малку (?)

Беше во право за тогаш, за во пролетта 1990 година, самите такво нешто да направевме! За во пролетта во 2018 година, за истото, за „Преспа“ договорот не е баш за малкумина предавство и велепредавство?!

Едно е како ние гледаме на самите нас, а сосема е друго како светот нѐ перцепира? Од историски, формално-правен, меѓународен аспект, по Третата македонско-римска војна кај Пидна, во 168 година п.н.е. и влегувањето на римските легии во Пела, Македонија како политички субјект исчезнува од меѓународната сцена.

Од АСНОМ 1944 година до 8 Септември 1991 година, Македонија е федерална држава во Југославија, без меѓународен субјективитет, но со заокружен внатрешен национален суверенитет и кодифициран македонски јазик, нешто меѓу „државата“ Тексас и областа Баскија со својата автономија во Шпанија!

На 8 Септември, СР Македонија прогласува независност, но во Обединетите нации (8 април 1993 година) е примена без име, со референца: „бивша југословенска република Македонија“.

По „Преспа“ договорот (2018 година) и изгласувањето на уставните амандмани, по речиси 2.200 години од „Пидна“, на меѓународната сцена во северниот дел на историската област Македонија, како легитимен, меѓународно признат политички субјект повторно се јавува држава со име Македонија!

Северна Македонија, географски е во северниот дел на историската област Македонија и колку што беше Социјалистичка Република Македонија дел од територијата на историската област Македонија, исто толку е и Северна Македонија и има разлика меѓу едното и другото, како нема: СР Македонија никако не беше во ситуација да го елиминира 4-кратниот светски фудбалски првак, Италија, од учество на Светско фудбалско првенство, а уште помалку македонскиот јазик, како „македонски“ еден ден да стане еден од официјалните јазици на ЕУ?!

За ова второто, за еден ваков исчекор и еден Крсте П. Мисирков би клекнал на колена, високо угоре би ги кренал рацете и во солзи радосници гласно би возвикал: Голем, Господ, имало Господ и за нас Македонците, нашиот, македонски јазик, како „македонски“ стана официјален јазик во најголемиот мировен проект (ЕУ) низ сета досегашна, 3.000 години наназад крвава историја на Европа.

Некои, препознатливи овдешни наши, од врвот на МАНУ, од Универзитетот за еден ваков исчекор жестоко се спротивставуваат и или ништо не разбираат или работат за туѓи, соседски дворови, трето објаснување за таквите немам…

Поврзани новости