(АРХИВА) Репортажа на „Фокус“ од поранешниот дом „Ранка Милановиќ“: „Сивиот дом“ стана „Дом за бесење“

by Fokus

Репортажата е објавена на 10 март 2023 година во неделникот „Фокус“ со број 1431.

Нова година е празникот на кој редовно на некој од функционерите му текнува на децата без родители. Па со фотографии се фалат кој што им дал на децата за Нова година, иако преку цела година на никого не му текнува на нив. Така, годинава пакетчиња им поделија премиерот, Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се сретна со децата од групните домови кои се под поранешните големи домови за деца без родители „11 Октомври“ и „25 мај“. Со полицајците им приреди забава и дружба и многу подароци, храна и облека. Како и секоја година, дневниците од службените патувања Спасовски им ги донираше на децата и сите добија зимски обувки. Всушност, во поранешните најголеми домови за деца без родители нема веќе деца. Со проектот на Мила Царовска сите се сместени во мали групни домови.И „сивиот дом“ како што го нарече Царовска, домот „Ранка Милановиќ“ замина во историјата во 2019 година. Но, откако децата заминаа од таму, сивиот дом стана „Дом за бесење“. „Фокус“ во минатата година беше во поранешниот дом и се уште ништо не е сменето.

Пишува: Фросина ФАКОВА СЕРАФИНОВИЌ

Од денеска, „сивиот дом“ на нашиот социјален систем замина во историјата, гордо изјави поранешната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска во 2019 година.

Децата од домот „Ранка Милановиќ“, кои беа сместувани во големите згради од далечната 1961 година, заминаа во мали групни домови.

Но, „сивиот дом“ сега стана „Дом за бесење“. Култниот филм на Емир Кустурица се „репризира“ на неколку километри од центарот на главниот град.

Додека огромни автомобили застануваат пред големиот маркет спроти домот за нивните сопственици да ги наполнат ќесите, десетици ромски семејства живеат во хуманитарна мизерија меѓу сивите ѕидини на поранешниот дом.

Во огромниот двор каде што има пет одделни згради, нѐ пречекаа група мажи, претежно Роми, кои како веќе да навикнале на новинарски екипи.

– Еве, видете, сликајте. Цело време доаѓаат сликаат, снимаат и пак ништо – ни рекоа тие.

Свежо им беше сеќавањето од пожарот што избувна во еден од објектите, па прво ни ја покажаа таа зграда. Дел од ѕидовите немаше, се гледаа само белите плочки од руинираните бањи.

Црно саѓе останало од тоа што горело. Подрумите беа полни со вода, а од еден хидрант непрекинато шприцаа млазови вода.

Во очи Нова година, пожарникарите успеаја да го изгаснат пожарот што го подметна еден од бездомниците. Во оваа зграда веќе не живее никој, во секој момент може да се распадне влажниот бетон.

Луѓето што живеат таму, ноншалантно го покажуваат хидрантот, не очекувајќи никој да дојде да го санира.

МЕЃУ ЃУБРЕТО И ГОЛЕМИТЕ СТАОРЦИ

Околу другите згради, пак, има купишта пластични шишиња, чија продажба е нивниот главен извор на пари. Жена на средни години излезе од една од собите, како едвај да чека некој да дојде да се пожали.

– Четири години веќе сме овде. Од пред една година ни ја исклучија струјата, немаме ни струја, ни ништо. Навечер палиме оган да се згрееме. Вода има, ама не се бањаме, ладно е, кај ќе се бањаш сега. Переме на рака – вели жената.

И таа го спомнува пожарот што избувнал.

Таму беше, во другата зграда. Сега не се седи веќе таму. Маж ми спиеше во една соба кога се запали. Грч пијан беше, едвај го извлече еден пожарникар, инаку ќе изгореше – се присетува жената.

Имала двајца синови, кои продавале пластични шишиња.

– Нема друго што да работат, само тоа – вели таа.

Од една од собите наѕре млада девојка, но не беше многу расположена за муабет. Ја прашав дали тука се чувствува безбедно, дали некој навечер доаѓа и дали имало обиди за злоставување. Ме гледаше со недоверба и негираше.

– Не, нема такво нешто. Еве како живееме. Тоа е тетке, еден е животот – ми рече девојката и брзо ја затвори вратата.

Повозрасна жена, пак, седеше на тревата, кашлаше и се обидуваше да „фати“ од февруарското сонце.

– Не ме сликајте, имам астма, немам пари ни лекови да си купам – рече жената.

Од една од зградите дотрча млада жена, да ни раскаже во каква мизерија живеат.

– Нема ни струја, ни ништо. Стаорци има, големи колку половина рака. Ми ги касаат децата навечер. Ни фрлаат по пола леб на ден и толку – вели младата мајка на четири деца.

Продолжувајќи го разговорот, таа дополни:

„Навечер ќе запалиме оган, па од чадот, едно од децата ќе почне да се задушува, па морам да го носам во болница. Во државно не нѐ примаат, па мора приватно да плаќам“.

Ја прашувам од каде пари за на приватно, многу е скапо, па дури и тие што работат, не можат да си ги дозволат.

– Па од маж ми што ќе продаде. Ако сакате да влезете во соба, мора маска да ставите ради миризбата – вели таа.

Иако и таа и децата живеат во смрдеа и со стаорци, она што паѓаше во очи кај младата жена беше златото што ѝ ги красеа вратот и ушите. Носеше златно ланче со приврзок, кој на прв поглед изгледаше како да е од жолто и бело злато и слични такви обетки.

Но, сите не беа расположени за разговор. За едно помладо момче бевме непожелни. Со брз од дојде кон нас од некоја од зградите и почна да се заканува.

Ајде собирајте се и одете си, само ако сте сликале уште еднаш! – викна луто тој.

Ако само малку се фрли око, уште на прв поглед станува јасно дека некогашниот дом за деца без родители, кој во меѓувреме се претворил во депонија, станал дувло на зарази, стаорци и бездомници, но и на криминалци.

Во овој објект или комплекс надвор од системот, бидејќи институциите кренале раце, постојано може да се видат како кружат возила и доаѓаат лица однадвор, кои нималку не изгледаат како бездомници.

Повеќе од јасно, станува збор за дилери или за макроа, кои во вакви средини наоѓаат плодна почва, но и солидна логистика за нивните нелегални активности.

За време на нашата посета на „Ранка“, децата како воопшто да не забележуваа дека некој дошол од страна. Облечени во валкани, поголеми или помали алишта и јакни, сите заедно од најмало до најголемо беа задлабочени во играта.

Тие немаат таму телефони и таблети како другите деца, па им преостанува детската игра надвор. Тие се деца од улица кои не по своја вина судбината ги фрлила тука, меѓу шишињата, ѓубрето и смрдеата.

Тука и порано имаше деца, малолетници со воспитно социјални проблеми, но и мали деца со трагични судбини. Деца чии семејства немале доволно пари за да ги издржуваат, па ги оставиле во дом. Деца чија мајка заминала во затвор, чиј татко починал, па мајка им се премажила и ги оставила…

ТРИНАЕСЕТГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ АБОРТИРАШЕ

Вестите дека малолетник избегал од некој од домовите беа секојдневие. Некои од нив сведочеа дека воспитувачите ги малтретирале и ги праќале да просат по улици, но имаше и такви што беа сексуално злоставувани.

Еден од последните случаи што ја потресе јавноста се случи пред околу пет години, кога малолетничка, штитеничка на домот „25 Мај“ абортираше откако била сексуално експлоатирана.

Случајот го откри Европскиот центар за правата на Ромите, според кој, девојката била принудно земена од страна на постар маж од институцијата, кој со возило ја одвел во неговиот дом во друг град.

Таму, таа била принудена на сексуални односи и физичка работа. Успеала да избега по 30 дена и да се качи на автобус за Скопје каде што полицијата ја нашла на Бит-пазар“.

Девојчето опишало дека претходно било однесено во „детски летен камп“ во Струга, заедно со други деца од државниот дом за згрижување. Таму, непознат маж сексуално ја злоставувал, пред да биде вратена назад во Скопје.

Кога ги пријавила овие злоставувања кај згрижувачите од државната институција, била обвинета дека лаже и дека ги измислува настаните.

Потоа девојчето било пренесено во „Ранка Милановиќ“ во Скопје, каде што открило дека останало бремено како резултат на сексуалното насилство. За случајот беа поднесени бројни кривични пријави и дисциплински постапки, но судска разрешница немаше.

На 17 декември 2019 година, тогашната министерка Царовска објави дека децата што престојуваа во „Ранка Милановиќ“, сега се селат во два мали групни домови, во топла средина налик на семејна.

– Со интензивна стручна поддршка и 24-часовен надзор ќе им помогнеме на децата кои на рана возраст дошле во судир со законот, да зајакнат и да се развијат во идни активни граѓани кои учествуваат во заедницата.

Реинтеграцијата на децата е нашата цел – во иднина да имаме примери на успешни млади кои го оформуваат образованието и стекнуваат позитивни животни вештини – рече Царовска.

Оттогаш, децата од големите згради, групното живеење и сивите ѕидини го заменија мали групни домови каде што живеат со по неколку други деца, воспитувачи и готвачи.

Според податоците што ги добивме од Министерството за труд и социјала, во цела држава од големите домови направени се 15 групни домови, а децата со воспитно-социјални проблеми што беа сместени во „Ранка Милановиќ“ преместени се во шест групни домови.

Ако до 2019 година, од големиот објект излегуваа да просат децата без родители, сега излегуваат да просат малите ромски дечиња.

Овие семејства, како што објаснуваат од Министерството, тука биле преместени со заклучок на владата поради ограничени капацитети во Центарот за бездомници Чичино село. Тоа било алтернативно сместување особено во зимскиот период, иако капацитетите не биле наменети за нив.

Со цел добивање адекватни услови за престој, различни форми и содржини на работа за стекнување животни и работни вештини, оспособување за самостојно живеење и интеграција во социјалната средина, истите беа вклучени во пилотпрограма за поддржано живеење, за чија успешна реализација, покрај стручните лица од ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, беа ангажирани и граѓански организации – велат од Министерството за „Фокус“.

ТЕРЕН ЗА ПОЛИТИЧКИ МЕГДАН

Со оваа програма ним им биле обезбедени основни продукти, здравствена заштита, лична документација, вклучување на децата во образовен систем, како и активности за олеснување на процесот за вклучување на пазарот на трудот.

Во 2018 година, пак, од домот „Ранка Милановиќ“ се отселиле 15 семејства, кои се со привремен престој во контејнерската населба во Визбегово. Па, семејствата што сега се во објектот на „Ранка“ се сметаат за дивонаселени, поради што веќе четири години Министерството презема мерки за нивно дислоцирање.

Но, чистењето на местото и преместувањето на бездомниците многу веројатно ќе стане нов политички мегдан меѓу државата во чија сопственост е објектот, односно Министерството за труд и социјална политика, од една страна, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, од друга страна.

Домот се наоѓа во општината со која раководи градоначалникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, па како и сѐ што бидува кај нас, не се бара решение за проблемот, туку ваквата поставеност на властите е најпогодно тло за префрлување на одговорноста.

Ние направивме сѐ ама другите нејќат – се насетува во одговорите што ги добивме и од Министерството и од општината. Па така, државата тврди дека немаат поддршка од општината, а потенцира дека и дека на луѓето не им се работи.

Основен проблем на овие семејства е домувањето, а притоа поради немање поддршка од единиците на локалната самоуправа во однос на решавање на проблемите со домувањето, процесот на реинтеграција и излегување на семејствата од овие објекти се покажа како многукомплициран – велат од Министерството.

Според нивниот одговор, Центарот за социјална работа им обезбедил лична документација и бил вклучен во остварување права на социјална и детска заштита за да ги вклучи на пазарот на трудот.

– Меѓутоа, истите во најголем број случаи остваруваат приходи од нерегистрирана дејност (собирање на секундарен отпад) и од различни причини не се мотивирани за соработка, а притоа и во последниот период состојбата со корисниците кои се сместени таму секојдневно се менува – велат од Министерството.

Од таму ја цитираат националната легислатива, според која секој е должен да се грижи за задоволување на своите животни потреби и потребите на лицата кои според закон е должен да ги издржува, со своите приходи да придонесува за спречување, ублажување или отстранување на социјалните ризици на кои е изложен тој и членовите на неговото семејство.

– Имајќи предвид дека се работи за возрасни лица што остваруваат приходи, а согласно досега преземените активности за поддршка и заштита на семејствата, не би требало да биде изземена од предвид и личната одговорност на секој корисник за излегување од состојба на ризик велат од Министерството.

Од Општина Гази Баба, пак, за „Фокус“ велат дека се немоќни пред бездомниците, кои објектите и дворното место го претворија во депонија, опасно место по здравјето и животот на луѓето, жариште на заразни болести и стаорци кои пренесуваат болести.

Плановите за статусот и користењето на објектите, треба да ги утврди владата, со оглед на тоа дека државата е сопственик на објектите.

ПОСТАПКА НА НОСЕЊЕ НОВ ДУП

Градоначалникот Стефковски бил на местото повеќепати, и тоа по барање на граѓани и фирми поради нарушување на јавниот ред и мир. До општината била доставена и петиција од повеќе граѓани за дислокација на дивонаселените жители во објектите, со барање за преземање конкретни мерки, и Допис од Урбаната заедница „Триангла“ со барање за санација на состојбите во Заводот. Тие го известиле Министерството, но одговор уште чекаат.

Од Општина Гази Баба откриваат дека во тек е донесување Детален урбанистички план за градска четврт СИ03 блок 2, во согласност со ГУП на Градот Скопје.

Во одговорот што го добивме од општината се открива дека установата има неплатени долгови за струја, но и кон други набавувачи. Па, условуваат дека ако владата ги исплати сите обврски и ги дислоцира бездомниците, општината е подготвена да ги земе објектите и да ги реновира.

Општина Гази Баба е подготвена да ги прими во сопственост објектите и да го култивира просторот преку модел на јавно-приватно партнерство. Општина Гази Баба е заинтересирана овој простор да се облагороди, реконструира и реновира, со сопствени средства или по модел на јавно-приватно партнерство да го претвори во европски едукативен центар или да го осмисли со други образовни содржини – велат од Гази Баба за „Фокус“.

Па така, општината веќе крои планови како да ги земе објектите, додека државата тивко бојкотира. Никој не одговара на нашите прашања што се планира со овие објекти и колкави се долговите?

Молк и од владата, која еднаш донела одлука бездомници привремено да се сместат во „Ранка Милановиќ“. Таму уште долго ќе се случуваат приказни како онаа на Перхан. Децата во „Ранка“ ќе бидат прифатени само во овој голем двор, а надвор ќе бидат деца од депонијата.

ЕВН ЈА ТУЖИ ДРЖАВАТА ЗА ДОЛГОТ ЗА СТРУЈА НА „РАНКА“

Електродистрибуција „ЕВН Хоме“ ја тужи државата за неплатен долг за струја за поранешната установа „Ранка Милановиќ“, каде што сега се сместени бездомни семејства.

Сепак, од компанијата, иако потврдуваат дека има долг, не кажуваат колкав е тој, со оглед на тоа дека овие податоци меѓу компанијата и корисникот се доверливи.

Според податоците од ЕВН, мерното место е исклучено по барање на надлежните од Јавната установа за деца со воспитно-образовни проблеми, која ја има преземено „Ранка Милановиќ“ во 2015 година. ЕВН постапила по барањето на 4 април минатата година, кога била исклучена струјата во цела установа.

По пријава за долг на овој дом постапувала и Државната комисија за спречување на корупцијата минатата година, но ја запрела постапката и доставила укажување до владата да ги преземе долговите на домот, кој не е активен субјект и нема пари од каде да се наплатат.

Антикорупциска наведува дека бидејќи основач на домот е Владата, таа е должна да ги преземе и плати сите обврски на „Ранка Милановиќ“. Сепак од Владата само нѐ препратија во Министерството за труд и социјална политика и од никаде не одговорија колкав е долгот на установата и кој ќе го плати.

Поврзани новости