Пред да заврши во притвор за мазутот, Капушевски куртули од кривичната за „Офицерски дом“!

Додека директорувал со спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски се запознал со рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Тогаш, Капушевски му се пожалил дека му било преку глава од државна работа, па Самсоненко му понудил да работи кај него и така станал управител на неговите компании. Но, набргу потоа Самсоненко ќе го обвини Капушевски дека е дел од криминална организација, чија цел е да му го одземат деловно-хотелскиот објект познат како „Офицерски дом“. Притоа, Самсоненко поднесе и кривична пријава против Капушевски и други лица за измама, фалсификување, лажен исказ, злоупотреба на службена положба, меѓутоа основното обвинителство неколку пати носи решение за отфрлање, иако вишото обвинителство оценило дека обвинителот не навел доволно причини за фактите и патем некои од причините биле контрадикторни. Сепак, Капушевски се извлече од оваа ситуација, но сега заврши во притвор за спорните набавки на мазут.

by Фокус

Бизнисменот Ратко Капушевски, кој заврши во притвор во рамки на истрагата за милионските набавки на мазут за ТЕЦ „Неготино“, претходно имаше кривична пријава во врска со изградбата на „Офицерскиот дом“ на скопски плоштад, меѓутоа таа беше отфрлена.

Пред да заплива во бизнис-водите, Капушевски беше дел од младината на ВМРО-ДПМНЕ, а во владите на поранешниот партиски лидер и премиер Никола Груевски, меѓу другото, беше и директор на спортската сала „Борис Трајковски“.

- Advertisements -

Во тоа време, Капушевски се запознава со рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој, како што своевремено рече во интервју за „Фокус“, му понудил да дојде да работи кај него, по што тој станал и управител на неговите компании.

Во 2012-2013 година склучивме договор за кирија во салата „Борис Трајковски“ за женската екипа на Вардар, каде што тој (Капушевски) беше директор. Во тоа време, со Капушевски имаме одлична соработка и потоа самиот ми рече дека веројатно ќе си оди од таму, бидејќи му било преку глава од државна работа.

Тогаш му понудив да дојде кај мене, јас барав управители и така почна. Сѐ беше добро до моментот кога дознав дека тој пред една година нудел непристојни понуди. Па, го избркав уште пред да дознаам за клаузулата – објасни Самсоненко во интервјуто направено во 2019 година.

(АРХИВА) Интервју со Сергеј Самсоненко: Злосторничко здружение сака да ми го земе „Офицерскиот дом“!

Меѓутоа, нивната соработка за кратко време заврши, а Самсоненко испорача сериозни обвинувања на сметка на Капушевски, поврзани со проектот за изградба на деловно-хотелски објект во строгиот центар на Скопје, познат како „Офицерски дом“.

Во истото интервју за „Фокус“, рускиот бизнисмен го обвини поранешниот соработник дека, заедно со сопственикот на „Кратер“ Миле Младеновски, склучиле фалсификуван договор со вметнување на извршна клаузула, кој потоа е основ за предизвикување на стечај на неговата компанија „Сис Инвест Груп“, со цел да му го одземат „Офицерски дом“.

Се сомневаме дека се работи за организирана шема, во спрега со фирми, посредници и судот, како и обвинителство, позната во светот како организирано преземање објект со намалување на цената, негово фиктивно обезвреднување и нанесување штета на друг. Се ова ниту може да биде случајно, ниту, пак, може да се организира без спрега со надлежните органи – рече тој.

Но, истражувањето на „Фокус“ од 2023 година откри дека Самсоненко ја загубил правната битка за кривична одговорност на Капушевски и Младеновски, но успеал да ја спаси фирмата од стечај и подоцна да издејствува пролонгирање на рокот за изведба на објектите, чија изградба е веќе при крај.

(АРХИВА) Самсоненко не докажа „злосторничко здружение“, но ја извади „Сис Инвест“ од стечај за да го догради Офицерски дом – во игра влегла и бугарска фирма на Камчев!

Документацијата до која дојдовме покажа дека Самсоненко до скопското јавно обвинителство поднел кривична пријава против споменатите Капушевски и Младеновски, како и против и други службени лица. Сепак, обвинителството во 2020 година ја отфрла кривичната пријава за измама, фалсификување исправа, давање лажен исказ, злоупотреба на службена положба и други кривични дела.

Според Обвинителството, немало ништо спорно во потпишувањето на договорот за деловно-техничка соработка, ниту во неговата солемизација кај нотарот Ристо Папазов. Но, Самсоненко и неговиот правен тим не се откажале, па поднесуваат кривична пријава и до Обвинителството за гонење организирал криминал и корупција.

Од таму, пак, ја проследиле пријавата до скопското обвинителство, кое повторно носи решение за отфрлање, бидејќи, како што објаснуваат, постојат околности што го исклучуваат гонењето, додека за исти наводи веќе претходно се произнеле.

Арно ама, Самсоненко се жали до Вишото јавно обвинителство, кое му ја уважува жалбата. Како што стои во решението со кое располагаме, обвинителот не навел доволно причини за фактите и патем некои од причините биле контрадикторни. Со други зборови, повисокото обвинителство оценило дека заклучокот на основниот јавен обвинител бил погрешен.

Меѓутоа, основното обвинителство на почетокот на 2022 година повторно носи решение за отфрлање на кривичната пријава, со образложение дека не постои основано сомневање дека пријавените ги сториле кривичните дела за кои се гони по службена должност.

На тој начин, заврши правната битка на Самсоненко за докажување на тврдењата дека бил незаконски изигран од соработници, здружени со нотари, извршители, стечајни управители. Просто кажано, обвинителството ги отфрли ваквите наводи како неосновани, па случајот никогаш не резултираше со обвинение пред кривичниот суд.

Меѓутоа, рускиот бизнисмен доби друга битка, успевајќи да ја извлече „СИС Инвест Груп“ од стечај по едногодишни маневри, со што доби можност да ги догради атрактивните објекти во најстрогиот центар на главниот град, наместо тие да бидат отуѓени за да се сервисираат побарувањата на доверителите.

Што се однесува до Капушевски, пак, тој се извлече од кривичната пријава на Самсоненко за „Офицерскиот дом“, меѓутоа сега „заглави“ во притвор во рамки на истрагата што ја отвори Обвинителството за организиран криминал во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ за време на енергетската криза.

Како резултат на иницијатива на ДКСК, Обвинителството поведе предистрага, која сега резултираше со истрага по кривична пријава на МВР против 13 лица и едно правно лице, поради тоа што осомничените поднеле невистинита документација, не ги извршиле договорените обврски и оствариле имотна корист на штета на државниот буџет во вкупен износ од околу 167,5 милиони евра.

Притоа, осомниченото правно лице е добавувачот на мазутот „РКМ“, компанија основана во 2015 година од страна на Капушевски, но негов партнер во 2022 година станува Ерџан Сулкоски, кој порано работел во „Пуцко Петрол“ на Асмир Јахоски (син на пратеникот Исмаил Јахоски) и му бил партнер во друга компанија на Куштрим Смајлај, зет на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Покрај бизнисмените Капушевски, Сулкоски и Јахоски, во рамки на оваа истрага осомничен е и поранешниот генерален директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски (осомничен и во случајот „Адитив“), кој е надвор од државата, како и повеќе секторски директори и членови на комисии за јавни набавки.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости