Најпрво да упатам честитки со желби за просперитет во новата 2022 година во која СКСМ слави 100 години од своето постоење и со тоа како најстара институција во државата не обврзува на највисок професионализам, одговорност и посветеност во нашето работење. Токму затоа денеска во првиот работен ден сакам да прокоментирам определени бројки, повторно да афирмирам определени наши ставови и да ги повторам нашите приоритети со цел да послужат како едно од повеќето видувања за тоа како персонално и функционално би требало да изгледа новата Влада, во делот на економските ресори. Нормално, намерата не е да излеземе од своите надлежности туку да помогнеме во градењето на принципите кои можат да не одведат напред.
Прво, соочени со предизвиците за ефикасна борба против корупцијата и сивата економија, од една страна, како и отежнато работење во услови на пандемија од друга страна, свесни сме дека единствено решение кое се повеќе станува актуелно е целосната дигитализација и интегрирање на процесите на издавање дозволи, одобренија, согласности и други документи кои ги издава државната администрација, вклучително и градежните дозволи. Ако сакаме инвестиции во услови на економска криза, можност за поголема следливост и контрола на процесите, како и избегнување на субјективниот фактор при издавање на документите од државните органи, неопходни се одлучни потези на Министерството за информатичко општество и администрација на планот на дигитализација, од една страна, и создавање мала, ефикасна, добро платена и стручна администрација, од друга страна. Оваа цел, не е цел значајна само за бизнисот, туку и за целото општество. Затоа, личноста што ќе го предводи овој ресор, но и поставеноста на Владата кон ова прашање, се особено значајни прашања во овој момент.
Второ, доколку не беше пандемијата и кризите (здравствена, економска, енергетска), клучен проблем за бизнис секторот ќе беше образованието. Време е да се ориентираме кон вештините и компетенциите, поткрепени со практичната обука. Наставата бара мотивирани ученици, а тоа се постигнува преку солидни и квалитетни наставници и модернизирани и опремени училишта. Нефлексибилноста во областа на неформалното образование претставува сериозна пречка за обезбедување кадар за стопанството и економскиот развој на државата. И, најзначајно, за да може да се реализираат започнатите реформските процеси неизбежно е да се зголемат издвојувањата на средства за образованието од БПД, од сегашните 3,2% на 5%.
Се разбира, не може веднаш, поради состојбите во кои се наоѓа државата поради пандемијата, но можно е со покачување во текот на 5 години и сегашниот Буџет на Министерството за образование и наука, кој за 2021 година изнесува 23.091.104.000 денари да порасне на 36.079.850.000 денари за да се исполни просекот од 5%. Ваквото барање го оправдуваме со фактот дека средствата што сега се одвојуваат не само што не се доволни, туку се и далеку под просекот предвиден од ОЕЦД кој изнесува 5%. Веројатно за да се остварат барем дел од овие цели, министерот кој раководи со овој ресор треба да има профил кој е спротивен на сите досегашни 19 министри од осамостојувањето, кои во просек останале на функцијата 18 месеци. Можно ли е со ваков просек да се прават темелни реформи.
Трето, Министерството за животна средина мора да го предводи човек кој ќе знае да балансира помеѓу заштитата на животната средина и економскиот развој. Една од нашите цели како бизнис-заедница, во тој сегмент е, во тесна взаемна соработка со Владата и со сите засегнати страни да ја подигнеме свеста за важноста од вложување во производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, како и бројните позитивни ефекти од овие проекти врз животната средина и економијата, за што имаме и компаративни истражувања и анализи. Но, прашањето дали државата ќе ги поддржи електричните централи на обновливи извори на енергија или не, е особено битно прашање, особено во услови на нагласена енергетска криза, кога имаме висок степен на нестабилност и неизвесност во работењето на електро-енергескиот систем во државата. За илустрација, околу 21% од сите хидроелектрани во Европа (6400 електрани) се во заштитени подрачја и при тоа, заштитата на животната средина не е доведена во прашање. Затоа, потребно е соочување со бројните предизвици на овој план, меѓу кои и активностите на невладините под мотото „да се зачува животната средина“, ненавременото или неодлучното постапување на институциите по овие прашања и слично, кои треба да бидат во фокусот на вниманието на идниот министер кој ќе раководи со овој ресор.
Четврто, за бизнис-заедницата особено значајно прашање е организацијата на економските ресори. Свесни сме дека е прекратко времето за суштинска трансформација на Владата бидејќи се наоѓаме на средина на мандатот, но исто така треба да знаеме дека со интерен договор на потпретседателот на Владата задолжен за економските ресори може да се постигне иста цел, а тоа е секторите земјоделие, прехранбена индустрија и трговија кои се наоѓаат во различни министерства да постигнат функционална поврзаност, со оглед на фактот дека заедно учествуваат со над 20% во БДП. Не помалку значајно прашање се и субвенциите во земјоделието, како прашање кое се повеќе ја отвора потребата од дефинирање на објективни и транспарентни критериуми, кои ќе важат за сите, а државата ќе има целосна слика и отчетност за тоа каде, колку, зошто и на кој начин се субвенционираат различни земјоделски дејности.
Петто, Министерството за финансии од каде доаѓа новиот мандатар, треба да биде репер како треба да соработуваат сите министерства со бизнис заедницата. Воспоставената пракса да секој месец на заедничка средба меѓу СКСМ и министерството за финансии се анализира резултатот на поднесените иницијативи е значаен напредок во вистинскиот дијалог меѓу јавниот и приватниот сектор. Последниот резултат од 7 реализирани иницијативи, 9 во тек и 2 нереализирани, е потврда за високиот професионализам меѓу овие две институции. И, само уште нешто, ако се знае дека е во тек изработка на Стратегија за развој на човечкиот капитал подржана од Светската Банка а креирана од премиерскиот кабинет и Министерството за финансии, тогаш е јасно дека овие практики треба да се пренесат и во работењето на целата Влада.
Особено е значајна позицијата на Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции. Неговата улога не треба да биде физичка координација туку координација на паричните средства од сите извори наменети за развој на бизнисот со што најлесно ќе се таргетираат приоритетите и политиките на Владата. Нека останат зад нас бирократските (марифетлуци), бидејќи за тој што сака да помогне има и место и време.