Православните верници денеска го празнуваат Велигден- Христовото воскресение

by Фокус

Велигден, или празникот на Христовото воскресение, важи за најголемиот христијански празник. Денот на Христовото воскресение Велигден е не само најголемиот туку и најстар христијански празник што се празнува од вториот век. Тој е суштината на христијанството, потврда и на самата вера.

Повеќемина истражувачи истакнуваат дека ако не постоеше Христово воскресение тоа требаше да се измисли. Според нив, ако Христос не ја победеше смртта тогаш човековиот живот ќе немаше смисла, туку ќе беше само едно долго умирање од раѓањето до смртта, а на човекот во тој период ќе му беше сè дозволено.

Велигден е центар на повеќе празници познати како празници со непостојан датум или како циклус велигденски празници. Нивните датуми коишто се менуваат секоја година се зависни од Велигден и се определуваат откако ќе биде одреден неговиот датум.

Бидејќи Велигден во разни цркви се празнувал на разни датуми, царот Константин го свикал во 325 година Првиот вселенски собир во Никеја, на кој се расправало по ова прашање и се донесени некои решенија. Но правилата по кои денес се одредува датумот на кој се паѓа Велигден се дефинирани дури во 526 година.

Според овие правила Велигден е секогаш по пролетната рамнодневница во првата недела по полната месечина. Секогаш е во недела, но не смее да се совпадне со денот кога Евреите го празнуваат Пасха, ниту да биде пред него.

Поврзани новости