Правници, доктори и новинари се во Комисијата за помилување, а Пендаровски го има последниот збор

by fokus

Во јавноста се крена прашина по предлог листата за помилување на затвореници, која од затворот, преку министерот за правда Бојан Маричиќ треба да стигне кај претседателот Стево Пендаровски. На листата за делумно помилување меѓу имињата на шеесетина осуденици се најдоа и Сеад Кочан, Алекасандар Василевски- Нинџа и Бобан Илиќ.

Министерот Маричиќ се оправда дека листата е стигната од затворот, како што налага процедурата и таа не е конечна.

-Јас би сакал да објаснам дека министерот за правда не дава никаков предлог за помилување во овој случај, ова се специфични помилувања бидејќи се работи за групни помилувања по повод Нова годаина кои се одвиваат секоја година и листите кои се предложени ги прават директорите на затворите. Мислам дека дел од спорните имиња нема ни да се најдат на листите. Значи, предлог листите се од затворите, а не од Министерството за правда. Тие листи поминуваат низ четири филтри, кажа министерот за правда Маричиќ за Утрински Брифинг.

На сајтот на претседателот, кога ќе се побараат членовите на Комисијата за помилување, кои се следниот филтер по министерот, се наведува процедурата за помилување.

„Во согласност со Законот за помилување, постапката за евентуално помилување на осудени лица од страна на претседателот, започнува со поднесување молба за помилување до судот којшто ја донел првостепената судска одлука.
Молбата заедно со потребната документација, судот ја доставува до Министерството за правда.
Според законски утврдената постапка, министерот/министерката за правда ги разгледува молбата и останатите документи и дава свој предлог којшто го доставува до претседателот на Република Северна Македонија“.

Потоа, како што е објаснето, Комисијата за помилување на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување заедно со предлогот на министерот/министерката за правда.

„Комисијата, со мнозинство гласови од присутните членови, утврдува мислење односно предлог којшто го доставува до претседателот на Република Северна Македонија.
Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот/министерката за правда, претседателот на Република Северна Македонија донесува конечна одлука“.

Претседател на Комисијата за помилување е Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а членови на Комисијата се:

• Фехми Стафа, државен правобранител;
• Љубомир Јовески, јавен обвинител;
• Љубомир Михајловски, адвокат;
• д-р Темелко Ристевски, правник, полковник во пензија;
• Ерол Рушид, доктор;
• Зора Митиќ, доктор;
• Божин Аврамовски, судија во пензија;
• Сафет Алиу, поранешен судија во Врховен суд;
• Томислав Кежаровски, новинар;
• Билјана Петковска, извршна директорка на Македонскиот институт за медиуми.

В.В.

Поврзани новости