Правната држава нека почне од Неготино, ако нема правда ќе одиме до Стразбур, порачаа од Ековита

by fokus

Од здружението на граѓани Ековита од Неготино, по повод неодредувањето на датум за референдум против депонија, апелираат владеењето на правото кое е актуелна тема изминатиов период, да започне од Неготино, со испочитување на законите.

Според здружението кое што беше иницијатор за одржување на референдум, мора да биде определен датум за истиот, бидејќи сите законски услови се исполнети.
И покрај мислењето на градоначалникот Тони Делков и советниците од СДСМ Неготино, искажано на седница на Советот, каде порачаа дека референдумот е беспредметен, Ековита останува на ставот дека мора да се исполни законската обврска и да се испочитува гласот на над 3.000 граѓани кои што се потпишаа на иницијативата. Доколку не се реши проблемот и не започне владеењето на правдата во Неготино, порачаа дека ќе ја бараат од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

-Да се надеваме дека почетокот на правната држава ќе биде во Општина Неготино и таа не само декларативно, туку и во пракса КОНЕЧНО ќе профункционира. Да појасниме, за да има правна држава круцијален е гласот и мислењето на секој еден граѓанин на оваа држава. Затоа, почитувајќи ги законските прописи кои се изворот на една европска правна држава во која владее правото РЕФЕРЕНДУМ како најнепосреден облик на граѓанско изјаснување МОРА да има.
Граѓаните на Неготино ги исполнија законските услови, се собраа повеќе од потребните потписи, со што докажаа дека се жедни за правда. Мислењето на овие граѓани МОРА да се почитува. Со определување на датум за референдум правната држава нека почне токму од Неготино!

Доколку не се определи датум за референдум, не може да зборуваме за правна држава! Во овој случај, зборуваме за невладеење на правото, а за тоа се сноси одговорност, се до Стразбур. НИЕ ОВДЕ НЕ СЕ ОТКАЖУВАМЕ, НИЕ ОВДЕ НЕ ЗАПИРАМЕ- информираат од Ековита.

Вики Клинчарова

Поврзани новости