Кукоски се повлекува од ЛДП: Мала група околу Милески ја доведе партијата до дно!

by Фокус

Долгогодишниот генерален секретар на ЛДП и поранешен пратеник, Дуфе Кукоски, поднесува оставки од партиските функции како член на Извршниот и Централниот одбор. Во изјава за Фокус, Кукоски вели дека има сопствени причини поради кои ја поднесува оставката. Тој изразува отворено незадоволство од начинот на кој актуелниот партиски лидер Горан Милевски ги води либералдемократите.

– Не можам да бидам дел од раководство кое успеа партија градена 22 години, со (не)работа и (не)активности да ја доведе до дно со рејтинг од 0,03 отсто. Не можам да бидам дел од органи на партија каде во исто време постојат параоргани составени од мала група од 5-6 членови кои ги креираат политиките на ЛДП, поради што денес партијата е сведена на тоа што е, односно на ништо – изјавува Кукоски.

Покрај падот на партискиот рејтинг, тој наведува дека одлучил да преземе ваков чекор и поради отсуство на стратегија за понатамошен развој на партијата, недостиг на програма и план за работа, погрешна и несериозна кадровска политика, маргинализирање на членовите кои размислуваат различно од партиското раководство, но, како што истакнува, и поради потфрлување и неисполнување на коалицискиот договор со СДСМ.

-Искрено, жалам што не успеав како поединец да променам ништо од наведеното, затоа ниту пасивно не сакам да останам дел од ваква приказна – вели Кукоски, посочувајќи дека неговиот ангажман ќе го продолжи во рамки на граѓанското здружение Демократски форум, кое неодамна се формираше главно по иницијатива на поранешни функционери и активни членови на ЛДП.

Инаку, Кукоски е уште еден од низата долгогодишни функционери на ЛДП кои со текот на времето се повлекоа или дистанцираа од партиските органи или од партијата генерално, откако тоа го сторија поранешните партиски лидери Петар Гошев, Ристо Пенов, Андреј Жерновски, пратеничката Никица Корубин итн.

Како што е познато, Кукоски беше генерален секретар на партијата во 3 мандати, а воедно беше и републички пратеник во периодот од 2014 до 2016 година. Сега, Кукоски продолжува да делува преку невладината организација Демократски форум.

Според него, не се планира оваа организација да прерасне во политичка партија во блиска иднина, туку, како што појаснува, целта е да служи како платформа за артикулирање на ставовите на незадоволни либералдемократи, но и припадници на други партии и досега политички неангажирани лица. Но, тој не ја исклучува можноста дека ова здружение ќе се транформира во политички субјект на среден рок.

В.С.

Поврзани новости