По официјалното превземање на функцијата шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, обвинителката Искра Хаџи Василева, заедно со обвинителот Ислам Абази, се сратнаа со републичкиот јавен обвинител Ненад Савески. Тој им посака успех и лесна работата на двајцата обвинители. Доскорашниот шеф Абази сега се враќа во Вишото обвинителство во Гостивар, кадешто претходно работеше.
-На мое големо задоволство денеска сите тројца поразговаравме за тоа до каде се состојбите и работата и околностите во кои што тоа обвинителство работи. Ми беа пренесени и плановите на колешката за работата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Останува јавното обвинителство да продолжи да работи, и тоа обвинителство и генерално оваа институција, да работиме и да докажеме дека сме тука за граѓаните, односно да ја зголемиме довербата на граѓаните во нашата работа, рече Савески.

Новата шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, одговарајќи на новинарско прашање за политички влијанија, нагласи дека клучна е реакцијата на обвинителите, односно истакна дека интегритетот на обвинителите се покажува преку нивниот однос кон влијанијата.
-Нашиот интегритет тука се гледа. Влијанија имало, има и ќе има, веројатно, но прашањето е ние како се однесуваме со истите, рече обвинителката.
Во однос на условите за работа, Хаџи Василева наведе дека има благо зголемување на буџетот, што го оцени како позитивен сигнал. Сепак, според неа, финансирањето е само еден од аспектите, бидејќи недостигаат и обвинители и службеници.
-Имаме голем дефицит и во јавнообвинителската служба, таму е веројатно и најгорливо. Имаме дефицити во однос на самите јавни обвинители, посочи Хаџи Василева.
В.В.