ПРАВДА ВО БЕГСТВО

by Фокус

Од новата зграда во барокен стил, која требаше да биде симболично Дом на правдата, избегаа еден куп обвинети за кои барањата за екстрадиција беа одбиени од неколку земји, а со нив замина и избега и Јустиција, која и со заврзани очи не можеше повеќе да го поднесе она што се случува во домот, не на правдата, туку на парадата

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

Човештвото да сакало правда, одамна ќе ја имало, напишал William Hazlitt, кажувајќи го сето она што веќе долго време ни се случува во општеството и во судскиот систем, кој е длабоко исполитизиран и инфициран, а народот летаргичен и дезориентиран.

Многу се полемизираше и се пишуваше за судството и правосудниот систем кај нас, се одржуваа тркалезни маси, семинари, се формираа работни тела, се ветуваа реформи, устите полни им беа на политичарите со правда, правдина, еднаквост, законитост и што ли уште не, доаѓаа странски експерти, а правдата, како и младите луѓе, полека бегаше од Македонија и бараше место под сонцето некаде далеку каде што може да вирее.

„Нема правда, нема мир!“ – ечеа улиците низ Македонија и стивнаа, се смирија, но со мирот правдата ниту дојде, ниту се појави, туку и она малку што го имаше од неа во вид на надеж, избега, оставајќи не да служиме за подбив и потсмев на самите себе и на сите други.

ИСЧЕЗНАА И ПАРИТЕ И ГРУЕВСКИ

Човекот за кого власта, која дојде по Шарената револуција, тврдеше дека е главен виновник и мозок на криминалот за што се формираше Специјално јавно обвинителство и за кој требаше и бројчаник  на Триумфалната капија да се постави за да ги брои украдените пари, едноставно никогаш не седна на обвинителна клупа за сериозни кривични дела за кои се обвинуваше. Бројчаникот никогаш не се постави, парите едноставно исчезнаа, како што исчезна и Груевски. Отседна во Будимпешта, а нашето барање за екстрадиција беше одбиено, затоа што над него се вршел политички прогон.

Во бегство се дадоа и двајцата главни разузнавачи, кои се сместија на крајбрежјето на Егејско Море, уживајќи ги сите погодности токму во државата со која новиот премиер склучи договор за пријателство, го смени името и на државата и на автопатот и на аеродромот и на коњот, но нашето барање за екстрадиција беше одбиено поради аболицијата на Иванов и сета онаа глупост и акробатика околу Законот за помилување.

Таа правна акробатика, која сè уште е надвисната како сенка над предметите на СЈО, беше предмет на дискусија и оценка на Уставниот суд, кој донесе одлука со која поништувањето на аболиција на поранешниот претседателот Ѓорге Иванов, за лицата опфатени во предметите на СЈО, го оцени како  уставно и законито.

ПРАВНАТА ЛОГИКА НА УСТАВНИОТ СУД

Правната логика на Уставниот суд е сосема исправна и укажува дека никој не смее на граѓаните да им го ускрати правото за повлекување аболиција, доколку сметаат дека својата невиност можат да ја докажат пред суд. Но, тоа не значи, како што побрзаа да го искоментираат тоа некои новинари, дека судот во Стразбур може да ги отфрли тужбите како беспредметни. Уставниот суд со својата одлука ги опфатил оние обвинети, кои барале поништување на аболицијата, но не и оние кои тоа не барале и поднеле тужба до Судот за заштита на човековите права.

Од обвинителна клупа избегаа прво-обвинетите за настаните од 27 април, благодарејќи на политикантското мешање на извршната власт во судството и полтронскиот однос на обвинителството, како и на дел од судиите што учествуваа во подготвување и примена на селективно килавиот Закон за амнестија. Истите тие, од обвинителна клупа избегаа во пратенички фотелји создавајќи уште поголема нееднаквост и селективност во правниот систем со исклучително политичко влијание и мешање во судството. Покрај нив, ниту Дејан Давидовски Дешо не седна на обвинителната клупа, туку избега во Шведска, а нашето барање за екстрадиција беше одбиено од шведскиот Врховен суд со образложение дека овој предмет е политички мотивиран.

Не стивнуваат критиките за предметите кои СЈО ги процесуираше, а кои не се мрднати од мртва точка и за кои во догледно време тешко дека ќе има судска првостепена завршница. Судењата почнаа да наликуваат на шпански и турски серии со стотина продолженија, во кои никој по 30-та епизода не може повеќе ниту да се снајде, ниту да најде логика. Единствено уште новинарите се интересираат за овие предмети како можност да го пополнат медиумскиот простор со навистина битни информации, кој како бил облечен, кој кивал, а кој кашлал, какви чанти носеле и на колкави штикли дошле на судење.

Од новата зграда во барокен стил, која требаше да биде симболично Дом на правдата, избегаа еден куп обвинети за кои барањата за екстрадиција беа одбиени од неколку земји, а со нив замина и избега и Јустиција, која и со заврзани очи не можеше повеќе да го поднесе она што се случува во домот, не на правдата, туку на парадата. За сите досегашни објаснувања, оправдувања и раскажувања околу правдата и правосудството и состојбата важи онаа поговорка на Владимир Булатовиќ-Јадна е онаа правда што мора да се правда.

Поврзани новости