Поради немање кворум попладнево во Собранието на Република Македонија во рамки на продолжението на 32. седница не беа донесени измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, предложени од единаесетмина пратеници и поддржани од повеќе невладини организации.
Пратениците не се изјаснија и за годишните извештаи за работата на Судскиот совет и за работата на Државниот совет за превенција на детско претстапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското претстапништво за 2016 година.
Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ ги образложи измените посочувајќи дека се предвидува забрана за употреба на цијанид и сулфурна киселина при процеси на лужење и флотација на металични минерални суровини во рудници со отворен коп и оти исклучок се концесиите за експлоатација на металични минерални соли на веќе постојните рудници. Би се вовела обврска за потенцијалниот концесионер да приложи податоци во техничко-технолошкиот елаборат за постапката за експлоатација на минералните суровини и за техниките и супстанците што ќе се применат, потоа да се обезбеди депонирана финансиска гаранција, а рокот за дебата се продолжува од 15 на 60 дена, односно 30 дена со локалната самоуправа и со органите на државната управа.
– Веруваме дека на ваков начин обезбедуваме заштита на животната средина од ризични постапки во случаи на рудници на металични минерални суровини кои се со сиромашни руди и кои применуваат ризични технологии и постапки. Овие измени беа поднесени од 11 колеги и поддржан од 40-ина невладините организации, рече Поповска.
Изрази жалење што дел од колегите од одредени партии ја напуштиле собраниската сала и оти нема кворум за гласање.
– Жалам што гледам дека ќе останеме без кворум и во моментот нема да можеме да гласаме воопшто за законот. Многу сум разочарана и изгледа ќе треба уште многу да се работи на подигање на еколошката свест, рече Поповска.
Пратеникот Илија Николовски од СДСМ изрази, како што кажа, несогласување со законот и наведе повеќе причини зошто не се согласува, меѓудругото, потенцирајќи дека со работата на рудниците не се загрозува животната средина и се почитуваат стандардите.