Пратениците на опозицијата ќе се борат против недемократскиот амбиент во земјава надвор од Собранието

by Фокус

Откако СДСМ најави дека почнува со нова стратегија за политичко дејствување, пратениците од здружената опозиција кои ги напушија пратеничките клупи целосно се вклучуваат во новите активности. Тие продолжуваат како и досега, како што велат, борбата за демократија и подобар живот на граѓаните да ја водат надвор од Собранието.

– Внимателно и до сега следиме какви закони носи власта на Груевски во отсуство на опозицијата, невидено и незапаметено за демократската пракса во светот. Иницијативи за менувања Устав, проблематични и неуставни законски решенија, без никаква дебата, поддржани од владеачкото мнозинство во Собранието, кое што дејствува како продолжена рака на Владата, а не како нејзин коректив. Отсега, тој коректив ќе биде оваа пратеничка група – истакна пратеничката Рената Дескоска.

Таа тврди дека ќе реагираат на секој недемократски и штетен проект за граѓаните, а со конкретни решенија ќе понудат вистинска алтернатива на лошите законски проекти што ги носи контролираниот Парламент.

– Ќе работиме многу интензивно. Свесни сме за контролираната медиумска блокада и за недемократските услови во коишто треба да функционираме. Затоа, нашата работа ќе биде меѓу граѓаните. Од човек до човек, од домаќинство до домаќинство.  На поединечни и групни средби со граѓаните, ќе ги објаснуваме решенијата и политиките за коишто се залага СДСМ. Ќе функционираме конкретно, како опозициска пратеничка група и ќе бидеме дел од партиските Комисии, за кои што говоревме вчера – тврди Дескоска.

Според неа, водилка ќе им биде социјалдемократската идеја: општество на сите и за сите, земја на еднакви шанси, солидарност и можности за достоинствен живот за секого и перспектива.

– Ова ќе биде тежок, трнлив и макотрпен пат. Но, ова е вистинскиот пат и сите ние овде сме убедени во тоа. Ќе функционираме надвор од Парламентот. Но, ќе ги исполниме сите очекувања, на граѓаните кои не избраа, на нашите поддржувачи и симпатизери. Ќе им се доближиме и на неопределените граѓани, ќе им се обраќаме и на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ кои веќе се свесни каде ја водат земјата актуелните политики. Ќе се консултираме со сите нив, ќе ги лоцираме проблемите на терен, на терен ќе работи и секој од нас, во изборната едница од која што доаѓа. Свесни сме дека од нас се очекува да ја вратиме демократијата во Македонија. Тоа ќе го правиме. Нашата мотивација се граѓаните и Република Македонија – додава Дескоска.

 

 

 

Не сте сами. Ќе работиме заедно за иднината на нашата земја.

Поврзани новости