Пратениците го изгласаа Хусни Исмаили за потпретседател на Собрание иако Обвинителството води постапка против него

„Фокус“ веќе пишуваше дека за Исмаили имало постапка и во Финансиската полиција, а потоа и во Обвинителство по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата.

by fokus

Поранешниот министер за култура, Хусни Исмаили од Алтернатива, за кого Обвинителство води постапка, денеска беше изгласан за потпретседател на Собранието.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери го прекина продолжението на оваа седница и најави дека за нејзиното продолжение пратениците дополнително ќе бидат известени.

Седницата почна со задоцнување од еден час, а на неа не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Инаку, „Фокус“ веќе пишуваше дека за Исмаили имало постапка и во Финансиската полиција, а потоа и во Обвинителство по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата.

-По добиено известување од Управата за финансиска полиција од 20.8.2021 година, во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е оформен предмет по кој надлежниот обвинител на 16.9. 2021 година издаде Наредба за прибирање на потребни информации по која постапува Управата за финансиска полиција.

 

Во меѓувреме кон крајот на месец декември минатата година е пристигната и Иницијатива за кривично гонење поднесена од страна на Државната комисија за спречување на корупција. Со оглед дека станува збор за исто пријавено лице и настани, иницијативата е споена со веќе оформениот предмет, рекоа во Обвинителството за „Фокус“.

Државната комисија за спречување на корупција поведе иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на Исмаили кој беше министер за култура од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година.

Се сомневаат дека извршил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020 поврзани со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.

Договорите и анекс договорите, според ДКСК, биле склучени во постизборен период по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиските средства за проекти од национален интерес во областа на културата.

Исмаили тогаш се сомневаше во мотивите на Антикорупциската комисија со оглед на тоа што барањето за негова одговорност доаѓаше во време кога пратениците од Алтернатива беа клучен фактор за тоа кој ќе формира мнозинство во Собранието.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости