Пратеници од власта предложија укинување на студентски оброк, па се повлекоа

by fokus

Пратеничките од СДСМ и ЛДП Жаклина Лазаревска, Моника Зајкова, Санела Шкрељ, Даниела Николова, Љатифе Шиковска, Лидија Тасевска, Емилија Рамбабова, Драгица Ѓавочанова, Даниела Колева и независниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ предложиле измена на Законот за субвенциониран студентски оброк, според кој субвенциониран студентски оброк нема да добиваат студентите кои добиваат стипендија и оние чии родител/и имаат месечен приход над 18.000 денари.

Предлогот е да им се укине правото на субвенционират студентски оброк и на апсолвентите.

На предлогот реагираше и јавно го објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски: „Во обид да се истакнат пред ‘шефовите’ во владата, овие пратеници со ваквиот предлог сериозно го загрозуваат стандардот на илјадници студенти и го укинуваат нивното стекнато право на студентски оброк“, напиша на својот фејсбук-профил Милошоски.

Сепак пратениците се премислија па Зајкова на Фејсбук објави дека предлог измените се повлекуваат, заради усогласување во овој дел заедно со претставниците на студентите.

– Јавно ги повикувам претставниците на Универзитетските студентски собранија на итна средба во Собранието на Република Северна Македонија во понеделник (14ти ноември) во 16.30 часот, сите заедно со министерот Шаќири да дискутираме по однос на овој дел од законот се со цел да најдеме заедничко решение кое ќе биде системски воспоставено и ќе обезбеди здрав оброк на студентите, како што впрочем и беше првата намена, истакнува Зајкова.

Поврзани новости