Пратеникот Алими сведочел дека бил во општина Чаир, ама не уништувал изборен материјал

by fokus

Откако пратеникот Ејуп Алими денеска одби да даде исказ како обвинет во случајот „Титаник 3“, во судница се читаше неговиот исказ кој го дал за време на истрагата, кога имал статус на осомничен.

Иако денеска, адвокатот на Алими истакна дека неговиот клиент нема да дава исказ бидејќи не бил на местото каде бил извршен кривичниот правен настан, сепак од прочитаниот исказ се откри дека тој во истрага кажал дека на 15 минути бил во општина Чаир.

-Кривичното дело го нема сторено. На изборите во 2013 година сопругата беше претседател на изборен одбор во Чаир. По завршување на изборите бев да ја почекам сопругата, беше доцна, а таа бидејќи е од Косово послабо го знае македонскиот јазик. Влегов во општина Чаир и ја чекав во холот. Се задржав 15 минути. Не влегов во просторијата за статистика, сведочел Алими во истрага.

На наредното рочиште закажано за 4 декември треба да сведочи сведок на обвинителството, преку видео врска, бидејќи престојува во Германија. Потоа ќе следуваат завршни зборови.

Во „Титаник 3“, за уништување изборен материјал се обвинети координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Алими и сопартиецот Исмет Гури за време на локалните избори во 2013 година во Чаир.

В.В.

Поврзани новости