Пратеничката Соња Мираковска од НСДП денеска од собраниската говорница побараа Трајко Вељаноски да се откаже од преседавањето на седницата и на место него седницата да ја води пратеник од парламентарното мнозинство.
„Господине Вељаноски, станете од столот, и така пред вас се исуши цвеќето кое стои цела недела за ова седница која требаше да биде свечена. Дозволете да седне најстариот пратеник и да го заврши овој циркус“, рече Мираковска.
Во изјава за „Фокус“ пратеничката од НСДП вели дека откажувањето на Вељаноски од претседавачкото место е едно од решенијата за да престане узурпацијата на законодавниот дом, но дека за такво нешто е потребна политичка волја.
Вејсел Мемети, пратеник од Алијансата за Албанците се вклучи во дебатата и им возврати на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека ако граѓаните не гласале за платформата, тогаш не гласале ниту за манифесот.
„ Не видов никаков граѓански концепт во манифестот, за каков велите дека се залагате.Тој систем на Милошевиќ кој вие не сте го расчистиле во вашата партија не чини многу“, додаде Мемеди.