Пратеничката на СДСМ Даниела Кочева обвини дека советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кавадарци своевремено заведувал малолетнички, за што, според неа, долги години бил толериран без никаква пријава иако имало и сведоци.
Воедно, таа побара градоначалникот на Кавадарци и претседателот на Советот да го осудат говорот на омраза и заканите на советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во кој, како што вели, се заканувал и поттикнува говор на омраза и закани кон пратеници.
„Доколку во врска со овој случај не се преземат конкретни чекори, Градоначалникот и Претседателот на Советот ќе го одобрат овој начин на однесување на советниците и во иднина. За несоодветното однесување на ова лице е известено и Министерството за култура, како и за неговото поведение во текот на работата изминатите години“, напиша таа на фејсбук.
Во однос на тоа, и одговори градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој вели дека се работи за неаргументирани и неартикулисани дописи по социјалните мрежи на кои, сепак, решил да одговори, со цел да не се шири невистина и граѓаните да не се доведуваат во заблуда.
„Пратеничката Даниела Колева нема доставено никаков допис или писмено барање до Советот на Општина Кавадарци, ниту до мене како градоначалник. Пратеничката Даниела Колева бара нешто а изгледа незнае што бара, бидејќи во преписките кои таа како пратеник ги шири по социјалните мрежи најнапред не наведува за кој советник во Советот на Општина Кавадарци станува збор и не наведува кој е тој говор што треба од наша страна да се осуди“, вели Јанчев.
Тој додава дека во своето обраќање преку социјалните мрежи пратеничката Даниела Колева се заканува со кривично гонење, што, според него, е недопустливо.
„Нејзиниот имунитет не и го дозволува тоа бидејќи како пратеник таа не сноси одговорност единствено за кажан збор на говорница во Собрание , а дека тој имунитет ја штити и дека може се и сешто да кажува по социјалните мрежи и како пратеник смее да ја доведува јавноста во заблуда и да поттикнува меѓусебна омраза на населението и тоа во овие моменти од политичките збиднувања во Македонија е незаконски“, вели Јанчев.
Тој го повика ОЈО Кавадарци и МВР Кавадарци по допрен глас да превземат соодветни дејства спрема пратеничката Даниела Колева според член 394-г од кривичниот законик за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.