Откако ќе дојде на власт, партијата што била во опозиција и истите тие „лидери“, како по правило, забораваат на своите ветувања водени од единствената цел – да се „заработи“ што повеќе пари. Затоа не е лошо да се размисли за воведување „гаранција“ за чесност (во пари и имот), кој секој „избран и именуван“ функционер би ги заложил.
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Срамно, болно и чудно е што во Република (Северна) Македонија сите (па и оние кои по закон се најодговорни за владеење на правото и правната држава) зборуваат за дивеењето на криминалот и корупцијата, но никој, од претседателот на државата, па до државниот јавен обвинител, ниту институционално, ниту политички не го поставува прашањето за тоа кој во оваа држава е виновен и носи одговорност за таквата состојба!
Затоа и воопшто не е проблем што актуелната (како и претходната) власт настојчиво молчи и бесрамно ги игнорира многубројните укажувања од граѓаните и интелектуалците во поглед на владеењето на неодговорноста и неказнивоста во државата.
Им се може, но на крајот на краиштата тоа прашање добива свој политички епилог на изборите.
Вистинскиот проблем е што актуелната (како и претходната) власт не може да разбере (или разбира ама не им одговара) дека постојниот нејзин однос кон прашањето на (не)одговорноста и (не)казнивост за криминалот и корупцијата во државата директно ги загрозува нејзините европски аспирации и го урива угледот на државата воопшто.
КОЛКУ ПРАВДА – ТОЛКУ ГЛАСОВИ
Тука не помагаат ниту бројните укажувања на странските политичари и нивните амбасадори во државата како што тоа многу отворено и јасно го прави господинот Дирк Јан Коп. За жал, никој од домашните државни и политички великодостојници не го засега тоа! Тие си тераат по свое, убедени дека државата е нивно приватно.
Не знам кој и што ќе ги убеди македонските државни и партиски великодостојници дека владеењето на правото и правната држава се најмалку правно прашање. Само политички неук и неодговорен човек може да го мисли тоа.
Владеењето на правото и правната држава основано и доминантно имаат политичко, економско и безбедносно значење.
Никој не сака да живее и работи во услови на правна несигурност и институционален криминал и корупција.
Токму затоа, во отсуство на институционални механизми и вонинституционални можности да го искажат и ефектуираат тој свој морален и политички став, граѓаните, природно, го избираат наједноставниот и најбезболниот (а веројатно и најсигурниот) начин тоа да го направат низ определбата кому ќе му го дадат својот глас на изборите.
Со други зборови – ако нема правда, нема ниту гласови на изборите!
„ГАРАНЦИЈА“ ЗА ЧЕСНОСТ
Анкетите на јавното мислење многу јасно покажуваат дека повеќе од половината граѓани на „оваа држава“ немаат ама баш никаква доверба во ниту еден партиски „лидер“ и политичар.
Затоа и прашањето на политичкиот легитимитет на кој било поединец или партија на власт ќе остане секогаш дискутабилно.
Граѓаните просто се изморени од лажни ветувања во континуитет.
Ако свртиме поглед наназад ќе се забележи дека партијата која е во опозиција, без оглед на нејзиниот политички и идеолошки профил, користи речиси ист речник и има исти заложби кои се вртат околу владеењето на правото и правната држава, економскиот просперитет, личните граѓански слободи, безбедноста и т.н.
Откако ќе дојде на власт истата таа партија и истите тие „лидери“, како по правило, забораваат на своите ветувања водени од единствената цел – да се „заработи“ што повеќе пари.
Затоа не е лошо да се размисли за воведување на „гаранција“ за чесност (во пари и имот) кој секој „избран и именуван“ функционер би ги заложил во корист на државата ако не го исполни она што го ветил.
Сѐ друго би било само понатамошно продолжување на политиките на неодговорност и неказнетост.