Практична полиција во Грција: Со велосипед полесно се ловат криминалци!

by Fokus

За време на летната сезона грчката полиција воведува новитети. Наместо на мотоцикли, полицајците во туристичките места од ова лето се почесто ќе ги гледаме на велосипеди.

Патроли од по пет – шест полицајци на означени велосипеди можат да се сретнат на сите прометни улици и шеталишта на Халкидики.

Опремени со црни бермуди и кошули со полициски ознаки, млади полицајци и полицајки се грижат за јавниот ред на улиците, но и за сообраќајот, патролирајќи со своите велосипеди.

Велат дека овие новитети ги прифатиле со воодушевување, бидејќи освен што не ја загадуваат околината со мотоциклите, имаат полесен пристап насекаде и добри се и за нивното здравје и одржување на кондиција.

,,Шеталиштата се преполни со туристи, па со мотоциклите уште повеќе се создава гужва и врева. Иницијативата да воведуваме ред на велосипеди ја прифативме со позитивни реакции, и топло ја препорачуваме и на нашите колеги од сите земји во светот” – ни изјавија грчки полицајци кои што во вечерните часови патролираа на своите велосипеди.

Додаваат дека екипите со мотоцикли ќе продолжат да постојат, но во летниот период велосипедските патроли ќе ги има во поголем број. Со нив им било полесно да ги ловат препродавачите на лажни брендови, кои што ги има во голем број, но и да го регулираат сообраќајниот метеж.

Полициските велосипедски патроли стануваат се попопуларни во светот, посебно во топлите земји. Кај нас сеуште како главно полициско возило се најзастапени автомобилите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости