Пишува: Вики Клинчарова
Најголемите балкански музички ѕвезди доаѓаат во Струмица, за време на шестото издание на Струмица опен фест. Фестивалот кој што во годините наназад привлекува стотици илјади посетители од земјава и соседството, ќе започне на трети август и ќе трае до тринаесетти.
Како што е најавено, музичкиот дел ќе стартува на 11 август, со настапите на Гаро Тавитјан и неговите синови, а специјални гости ќе бидат Жељко Бебек, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ и групата Галија. Наредниот ден посетителите ќе имаат можност да ги проследат настапите на Дани Димитровска, рок бендот Ван Гог и поп пејачката Јелена Розга. Во недела, на затворањето на фестот ќе гостуваат Нино Величковски, Qeen real Tribute, Disconnected and Cirillic, а како главна ѕвезда свој концерт ќе одржи Дино Мерлин.
Предвидено е да има пет сцени, на кои ќе се одржат над 20 настани, со околу 80 артисти. Лани, свои настапи на фестивалот имаа Аца Лукас, Џамбо Агушев, Влатко Стефановски, Архангел, Црвена Јабука, Жељко Јоксимовиќ и многу други. Данијела Мартиновиќ, Петар Грашо, Харис Џиновиќ, Здравко Чолиќ, Жељко Самарџиќ, Северина, Цеца и уште десетици балкански ѕвезди беа дел од манифестацијата во изминатите години.