Тројца малолетници кои собирале отпад под касарната Илинден и обидувајќи се да извадат бакар од фрлени жици го предизвикале пожарот во кој изгорена тревна површина од 200 метри квадратни.
По дојавата за огнот, на лице место излегле полициски службеници кои затекнале две лица, едното на возраст од 25 години и едно дете на возраст од 10 години. Затекнатите лица се повикани во полициска станица каде со истите е извршен службен разговор во кој појасниле дека малолетникот собирал отпад заедно со уште две непознати малолетни лица.
„Од друга страна пак, 25 годишното лице (вујко на малолетникот) не е инволвиран во настанот туку дошол на местото барајќи го внукот, го забележал пожарот и почнал да го гаси. По извршените разговори лицата се ослободени, за настанот е известен дежурен Јавен обвинител за малолетници од Основното Јавно обвинителство Скопје, а од страна на Секторот за внатрешни работи ќе биде поднесен соодветен поднесок – Известување до надлежното ОЈО Скопје“, велат од МВР.
Набрзо по избивањето, пожарот беше локализиран од екипи на противпожарните единици.