Пожарот кај Светиниколско утринава се уште е активен, соопштуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, фронтот на огнот е многу широк, но населените места не се во опасност.
На терен работат пожарникари, а како што вели Ангелов во приправност има доволно припадници на Армијата кои се вклучуваат во гаснењето на пожарот на барање на локалните командири.
Во текот на денот, на овој пожар Ангелов вели дека ќе делуваат еден армиски хеликоптер „ми-17“, како и трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Пожарот во Светиниколско е активен од вчера попладне и направи огромна штета на имотите на жителите.
Градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, вчера рече дека пожари има во атарот на селата Орел, Немањици, Малино, Ерџелија, Делисенци и други места.