Пожарникари од ТППЕ Кавадарци тргнаа кон Турција, да му помогнат на населението во реонот зафатен од катастрофалниот земјотрес. Со две моторни возила и соодветна опрема за заштита и спасување од непогоди, тие ќе останат во Турција се додека е потребна нивната помош.
Исто така, кавадаречкиот Совет одобри 900.000 денари помош за настраданите во земјотресите во Турција и Сирија. Сума од 600.000 ден ќе биде уплатена на трансакциона сметка добиена од турската амбасада за настраданите во Турција, а сума од 300.000 денари ќе биде уплатена на сметката на Црвен Крст со намена за настраданите од земјотресот во Сирија.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев информираше дека денес и утре кон настраданите подрачја ќе тргнат 10 шлепери со вода за пиење од кои пет се донација од Фондацијата Никола Јанчев, а пет се донација од почесниот конзул на Р. Турција во Битола, Ајдован Адемоски.
Вики Клинчарова