Пожарите се уште беснеат низ Македонија – денеска вкупно 19, активни се десет

by jadranka 22:20
22:20

Вкупно 19 пожари на отворен простор се регистрирани на територијата на Македонија денеска до 18 часот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, 10 сè уште се активни, еден е ставен под контрола, а осум се целосно изгаснати.

Активните пожари се регистрирани во Велес, Бутел, Гази Баба, Охрид, Кавадарци, Росоман, Куманово, Липково и Кратово. На овие места гори ниска вегетација, ѓубре, стрништа, како и шумска вегетација.

Во Велес пожарот е кај Кула, зад базата на ЈП „Македонија пат“, додека во Бутел гори ѓубре меѓу селата Раштак и Љуботен. Во атарот на Идризово, во општина Гази Баба, гори ниска вегетација, а пожар од ист тип е регистриран и во селото Велмеј во општина Охрид.

Активен пожар има и на депонијата Мелци во Кавадарци, кај селото Рибарци во Росоман, во селото Черкезе во Куманово, како и во Гошинце и Ваксинце во општина Липково. Во Гошинце гори ниска вегетација, а во Ваксинце се зафатени стрниште и ниска вегетација. Во Кратово пожарот кај селото Димонци зафатил ниска вегетација и драки.

Под контрола е ставен пожарот што избувнал во местото Кајорец, кај селото Белица во општина Македонски Брод, од каде што огнот се проширил кон резерватот Јасен во општина Сопиште. Пожарот зафатил нискостеблеста и мешана шума.

Во текот на денот се изгаснати осум пожари. Во општина Бутел е изгаснат пожарот на Раштански пат, каде што гореле ниска шума и ниска вегетација. Интервенции имало и во Штип, кај полициската станица на влезот во градот, како и во Виница, во селото Драгобрашта, маалото Криворанци.

Пожари биле изгаснати и во месноста Стари Лозја и селото Речица во Куманово, на потегот од Димонци кон Коњух и Руѓинце во општините Кратово и Старо Нагоричане, во селото Стримница во Желино и во селото Врапчиште.

ЦУК повторно апелира до граѓаните да бидат крајно внимателни, да ја почитуваат забраната за движење во шумите и да не палат оган на отворен простор, со цел да се спречат нови пожари, материјална штета и загрозување на човечки животи.

Слични вести