Пред неколку часа над селото Ваташа, Кавадарци, избувна пожар. Гореше нискостеблеста шума, но постоеше опасност пожарот да се прошири на поголема површина и да предизвика катастрофални штети.
Веднаш по пријавата, екипи на Противпожарната единица, две екипи на ЈП Комуналец Кавадарци и ЈП Македонски шуми излегоа на терен и започнаа со гасење на пожарот. Заедно со пожарникарите на терен излезе и се вклучи во гасењето и градоначалникот Митко Јанчев.
За ,,Фокус” тој потврди дека моментално пожарот е локализиран и како екипите се уште се на терен. Вели дека катастрофата од поголеми размери е спречена поради брзата интервенција и како благодарение на ефикасните служби избегната е хаварија како онаа која неодамна се случи покрај велешкото езеро Младост.
-Во вакви ситуации мора бргу да се реагира и да се излезе на терен со целата потребна механизација и опрема. Брзината е клучна, и над Ваташа моментално на терен се екипите со камиони, џипови, со се што е потребно со цел да се спречи катастрофа. Пожарот е локализиран, јас сум со екипите на терен, исто би им препорачал и на другите градоначалници, по сите овие немили ситуации кога целата земја е во пламен, да не чекаат, бргу да се реагира и тие да излезат рамо до рамо со службите кои се борат со пламените – ни изјави градоначалникот.
Како потсетување, вчера гореше шумата покрај патот Прилеп – Градско, а поради пожарот кој започна уште на пладне, а потоа масовно се прошири, од 15 часот до раните утрински часови сообраќајот беше во прекин и стотици возила останаа заглавени во Прилеп.
Вики Клинчарова