Од Советот на ЕУ потврдија попладнево дека дебатата за Западниот Балкан е повторно одложена, овој пат за мај, јави дописничката на МИА од Брисел.
И покрај притисоците на речиси половината земји членки на ЕУ, и заложбата на шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, западниот Балкан, сепак, нема да биде на дневен ред на 19 април на Советот на ЕУ за надворешни работи, потврдија од прес службите на оваа институција.
За потсетување Западен Балкан од декември лани не е вратен на дневниот ред во Советот на ЕУ, а во декември за првпат немаше ниту заклучоци за проширувањето и земјите од регионот, како што е обичај.
Ова се должеше на инсистирањето на Бугарија во овие заклучоци да се вметне реченица поврзана за „погрешното толкување на историјата“, што беше неприфатливо за повеќе земји, меѓу кои Чешка и Словачка.
Прага и Братислава тогаш порачаа дека за да се разговара за вакви теми потребна е повторна министерска средба.
Од Советот на ЕУ велат дека на 19 април нема да има доволно време за дебата за Западен Балкан, а проблем е и фактот што средбата се одржува преку видеоконференција, а не физички.
Дебатата е одложена во принцип за првата половина на мај.