Обвинение против 11-мина за случајот „Двојник“

by fokus 17:26
17:26

Поднесено е обвинение против 11 лица за злоупотребата со издавањето пасоши, дел од случајот „Двојник“. Со обвинението, 10-мина се обвинети за злоупотреба на службена положба и овластување, а еден е обвинет за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.

Обвинетите, како службени лица, вработени на различни позиции во МВР, поттикнати од Раиф Мифтари, кој е во бегство, од средината на јуни 2017 до крајот на 2020 година, незаконски издавале пасоши.

- Advertisements -

Тие употребиле податоци за идентитети на луѓе, државјани на Македонија, кои до сега не побарале, и немале биометриски пасоши, а се иселени од Македонија или од раѓање живеат во странство, и кои немаат остварено влез во Македонија. Потоа обвинетите ги користеле податоците на овие луѓе за изработка на пасоши, со вметнување на фотографии од луѓе кои се бараат со меѓународни потерници. Криминалците потоа имале намера со нелегалните македонски пасоши да преминат државни граници.

Пасошите биле издавани со заобиколување на постапката за издавање на патни исправи, во најголем број случаи без закажан термин за фотографирање, и без проверка на идентитетот.

За седуммина обвинети, меѓу кои и за Мифтари, кој е во бегство, побара продолжување на притворот. Обвинителството вели дека продолжува да истражува за вмешаност и на други лица во издавањето на нелегалните пасоши.

Обвинителството издаде наредба до Министерството за внатрешни, да се утврди кои лица во МВР, според хиерархија, биле обврзани за надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи ги и спорните пaсоши. Ќе треба да се утврди и кои вработени во МВР, имаат пристап до личните податоци на државјани на Македонија, кои немаат извадено патни исправи. МВР е задолжено да провери дали и кога, спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази.

Поврзани новости