Во стабилна состојба е повредениот во сообраќајната несреќа на автопатот Штип – Миладиновци, кој со тешки телесни повреди беше пренесен од штипската Клиничка болница на скопските клиники, изјави за МИА Неџати Јакупи од Клиниката за торакална и васкуларна хирургија.
-Повредениот е на возраст од 29 години, во стабилна состојба е, со скршени ребра и контузии на белите дробови. Ќе биде задржан на опсервација неколку дена – рече Јакупи.
Во тешката сообраќајна несреќа што се случи денеска на автопатот Штип-Миладиновци на околу половина километар од патарината кај Кадрифаково, загинаа три женски лица на возраст од 15, 37 и 62 години.
Според првични информации, жртвите се во роднинска врска и се превезувале во возило шевролет „калос“ со скопски регистерски таблички, во кое имало уште две лица.
Според СВР-Штип, во несреќата повредени се четири лица. Како дошло до судир меѓу возилата тојота „ланд крузер“ со кочански регистерски таблички и шеворлет „калос“ со скопски регистерски таблички се уште се утврдува од страна на полицијата и јавен обвинител.