Двајца рудари утрово се здобиле со повреди при експлозија во рудникот „Добрево“ во Пробиштип. Причината за експлозијата се уште не е позната, но не се исклучува можноста да експлодирала мина.
Од експлозијата биле повредени, 42-годишниот рудар Д.З и 49-годишниот З.Т. од Пробиштип, кои веднаш по несреќата биле префрлени на Клиничката болница во Штип.
Со потешки повреди поминал помладиот рудар кој добил повреди на лицето и ќе биде опериран. Неговиот колега поминал со полесни повреди и по свое барање ќе биде пуштен на домашно лекување.
Најавено е дека рударски инспектор и јавен обвинител ќе извршат увид во рудникот.
Во последните десетина дена ова е втора несреќа во рудникот „Добрево“ со кој раководи фирмата „Индо-минерали и метали“. Претходно, камен блок падна врз рудар, по што тој заврши со повреди на грбот.