Повеќе од една четвртина од Израелците примиле втора доза на вакцина против Ковид-19

by Fokus

Повеќе од една четвртина од населението во Израел примило втора доза вакцина против коронавирус на Фајзер/Бионетк, соопшти денеска израелскиот министер за здравство Јули Еделштајн.

Во земјата со 9,3 милиони жители, вкупно 3,8 милиони веќе примиле вакцина, а меѓу нив 2,5 милиони се вакцинирани со втората доза, напиша Еделштајн на Твитер.

Тој ги повика другите Израелци да се вакцинираат.

– А вие? Ќе одите ли во теретани и на културни настани или ќе заостанувате? Вакцинирајте се!, порача Еделштајн.

Предвидено е кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху попладне да се состане за да дискутира за понатамошно олеснување на мерките бидејќи Израел постепено излегува од третиот карантин.

Тензиите меѓу Нетанјаху од десничарската партија Ликуд и министерот за одбрана Бени Ганц од центристичката партија Сино бело достигнаа врв по распадот на нивната кризна влада на национално единство во декември.

Предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 23 март, по четврти пат во последните две години.

Ганц повикува на побрзо ублажување на мерките, но Нетанјаху бара претпазливост.

Израел потврди 5.368 жртви на коронавирусот од почетокот на пандемијата.

Поврзани новости